Прилепската Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ направи значаен чекор во развојот на современата хирургија, откако за првпат успешно беше изведена лапароскопска операција на препонска (ингвинална) кила со TAPP (Transabdominal Preperitoneal) техника.
Станува збор за минимално инвазивна метода која претставува современ стандард во лекувањето на вакви состојби, а на пациентите им овозможува помала постоперативна болка, побрзо закрепнување и пократок престој во болница.
Новината беше претставена на прес-конференција во прилепската болница, на која за значењето на воведувањето на оваа техника говореа директорот на установата д-р Кире Јоноски, началникот на Хируршкото одделение д-р Димитар Иваноски, хирургот д-р Златко Јаков, кој ја изведе првата интервенција, како и специјалистот по хирургија д-р Гордана Љушиќ.

Фото: Клуб Деница
Директорот на болницата, д-р Кире Јоноски, истакна дека воведувањето на TAPP техниката претставува уште еден чекор во модернизацијата на здравствените услуги што ги нуди прилепската болница.
„Продолжуваме да воведуваме современи методи на лекување во интерес на пациентите. Ваквите зафати бараат подготовка, обуки на медицинскиот кадар и соодветна опрема, но нашата цел е граѓаните да добиваат квалитетна здравствена услуга во својата матична болница“, посочи Јоноски.
Тој информираше дека современите лапароскопски инструменти се обезбедени со поддршка од компанијата „Витаминка“, со што се создадени услови новата метода да стане достапна за пациентите во Прилеп.
Началникот на Хируршкото одделение, д-р Димитар Иваноски, посочи дека ова е прва лапароскопска операција на препонска кила изведена со TAPP техника во прилепската болница.
Тој нагласи дека Хируршкото одделение е регионален центар за ургентна хирургија, каде покрај редовните оперативни зафати се изведуваат и сложени интервенции од различни области на хирургијата. Иваноски ја потенцираше важноста на тимската работа меѓу хирурзите, анестезиолозите, медицинските сестри и целиот медицински персонал како еден од клучните фактори за успешно спроведување на вакви современи методи.
Според Иваноски, одделението располага со искусен и добро екипиран тим, а довербата кај пациентите постојано расте, поради што во Прилеп на хируршки интервенции доаѓаат пациенти и од други градови во државата.
Првата интервенција со новата техника ја изведе д-р Златко Јаков, кој истакна дека минимално инвазивната хирургија денес е светски стандард поради бројните придобивки за пациентите.

Фото: Болница Прилеп
Тој објасни дека првата операција била изведена кај 64-годишен пациент, кој веќе следниот ден бил пуштен на домашно лекување.
„Предностите на оваа метода се помала болка, побрзо закрепнување и пократка хоспитализација. Целта е во иднина со оваа техника да се третираат и други, покомплексни хируршки заболувања“, истакна д-р Јаков.
Јаков, кој пред околу една година се врати од Германија, посочи дека прилепската болница располага со современа опрема и квалитетен тим, што создава услови за воведување и примена на нови методи во хирургијата.
Тој ја нагласи и важноста на добрата координација меѓу медицинските тимови, оценувајќи дека токму тимската работа е предуслов за успешно спроведување на вакви интервенции.
Специјалистот по хирургија, д-р Гордана Љушиќ, потсети дека прилепската болница уште пред 20 години била меѓу првите здравствени установи во државата кои започнале со лапароскопски интервенции.
Според неа, воведувањето на TAPP техниката претставува продолжување на тој развој и уште една потврда дека хирургијата во Прилеп се движи во чекор со современите медицински достигнувања.
Со воведувањето на оваа метода, пациентите од Прилеп и поширокиот регион ќе имаат можност за современ хируршки третман во својата матична болница, без потреба да се упатуваат во други здравствени центри.
Првата успешно изведена лапароскопска операција со TAPP техника претставува значаен исчекор за Хируршкото одделение и најава за понатамошно проширување на примената на минимално инвазивната хирургија во прилепската болница.

















