Членовите на Клубот на литературни творци – Прилеп успешно го претставија својот клуб на 19. издание на меѓународната поетска манифестација „Бдеење на кокински мугри“, која на 31 јули се одржа во Куманово.
На манифестацијата учествуваа 50 поети од Македонија и уште седум држави, а на конкурсот пристигнаа околу 200 поетски творби од повеќе земји. Наградите беа доделени во две категории – за домашни и за странски автори.
Во конкуренцијата на домашните автори, две од трите награди им припаднаа на прилепски поети. Втората награда ја освои Тамара Петреска, а третата награда му беше доделена на Ице Симоноски, двајцата членови на Клубот на литературни творци – Прилеп.
Овој успех претставува значајно признание за прилепските автори и уште една потврда за квалитетот на литературното творештво што го негува Клубот на литературни творци – Прилеп.
Од клубот упатија искрени честитки до наградените автори, посакувајќи им уште многу инспирација, творечки успеси и нови литературни признанија.

















