Во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп на 31 јули беа отворени две изложби посветени на руската култура и книжевност, реализирани во соработка со Амбасадата на Руската Федерација во Македонија и Македонско-руското друштво од Прилеп.
На отворањето присуствуваше амбасадорот на Руската Федерација, Н.Е. Дмитриј Зиков, кој говореше за значењето на поставката и за културната соработка со библиотеката.
Директорката на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“, Андриана Ристеска, во своето обраќање ја истакна важноста од заедничката соработка со Амбасадата на Руската Федерација и Македонско-руското друштво од Прилеп, која успешно продолжува низ годините.
Под наслов „Истакнати културни дејци и достигнувања на Русија“, првата изложба преку фотографии претставува дел од руското културно наследство. Посебно место во поставката зазема Државниот академски „Бољшој театар“ – еден од најпознатите центри на оперската и балетската уметност, кој годинава одбележува 250 години постоење и функционирање.
Дел од поставката се и фотографии посветени на руските научници и просветители Михаил Ломоносов и Владимир Даљ, како и на Александар Афанасјев, познат собирач на рускиот фолклор, чие дело придонело за зачувување на значајни примери од народното творештво.
Втората изложба е посветена на дела од руски автори кои се дел од книжниот фонд на библиотеката, вклучувајќи и книги што минатата година беа донирани од Амбасадата на Руската Федерација.
Изложбите ќе бидат достапни за посетителите до 10 август во просториите на библиотеката, како можност за запознавање со дел од руската култура, историја и книжевност.


Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп

















