Со фокус на монументалната скулптура и нејзината улога во јавниот простор, денес, 18 август, започнува 18-то издание на Ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“. Колонијата ќе трае до 25 август, со учество на седум скулптори од државата.
Осумнаесеттото издание на колонијата го продолжува континуитетот на една од најзначајните ликовни манифестации во Прилеп, но истовремено носи и тематски акцент насочен кон современата скулптура и создавањето уметнички дела наменети за јавниот простор.
Монументалната скулптура, како што посочува координаторот на колонијата Марјан Стојаноски, отвора можност уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневието на заедницата. Создавањето дела од ваков формат овозможува тие да станат траен дел од просторот, неговиот визуелен идентитет и колективното сеќавање.
„Колонијата е значајна средба на уметници, идеи и современи скулпторски изрази, со една јасна цел, уметноста да излезе од галерискиот простор и да стане дел од секојдневниот живот на заедницата“, вели Стојаноски.
Токму процесот на создавање е еден од значајните аспекти на колонијата. Преку непосредната работа и размената на искуства, уметниците го истражуваат односот меѓу материјалот, формата, просторот и времето, создавајќи дела кои не се само објекти за набљудување, туку интервенции што воспоставуваат однос со просторот во кој се поставени.
Фокусот на монументалната скулптура во јавен простор отвора и можност за создавање нови визуелни точки на препознавање, поврзувајќи ја уметноста со архитектурата, природата и секојдневниот живот на граѓаните.
Ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен во своето 18-годишно постоење остави значаен белег во културниот живот на Прилеп. За нејзиниот придонес кон уметничкиот и културниот живот на градот, колонијата е добитник на наградата „3-ти Ноември“ на Општина Прилеп.
„Особено ни значи што Ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен е добитник на наградата „3-ти Ноември“ на Општина Прилеп, признание кое го потврдува нејзиното значење и долгогодишниот придонес кон културниот и уметничкиот живот на градот“, истакнува Стојаноски.
Оваа годинава реализацијата на колонијата е поддржана и од Општина Прилеп, додека Министерството за култура и туризам ја поддржува манифестацијата во континуитет во изминатите 18 години.
Со овогодишното издание, Ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен продолжува да го гради мостот меѓу уметниците, публиката и јавниот простор, но и да отвора простор за современи скулпторски изрази кои можат да останат како трајна културна вредност.
Од 18 до 25 август, Прилеп ќе биде место каде што ќе се создаваат нови уметнички дела, во рамките на 18-тото издание на колонијата која низ годините прерасна во препознатлив дел од ликовниот и културниот живот на Прилеп.
Колонијата е дел од годишната програма на Центарот за култура „Марко Цепенков“ за 2026 година во визуелни дејности поддржана од Министерството за култура и туризам.

















