Љубителите на класичната музика во Прилеп во петок ќе имаат можност да уживаат во концертот на „Trio Dolce“, музички состав кој го сочинуваат Светлана Богданоска Ристоски на флејта, Андријана Дукоска на виолончело и Марија Шамоска Буџаковски на пијано.
Концертот ќе се одржи на 21 август, со почеток во 20:00 часот, во Фоајето/Ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Влезот е слободен.
Публиката ќе има можност да проследи внимателно одбрана програма со дела од Astor Piazzolla, Carl Maria von Weber, Трајко Прокопиев, Philippe Gaubert, P. I. Tchaikovsky и Nelio Milotti.
На програмата се „Libertango“ и „Oblivion“ од Astor Piazzolla, „Trio in G minor, Op. 63“ од Weber, „Дојранка“ од Трајко Прокопиев, „Trois Aquarelles“ од Philippe Gaubert, избор од „The Seasons, Op. 37“ од P. I. Tchaikovsky и „Охридски бисери“ од Nelio Milotti.
„Trio Dolce“ е формирано во 2016 година и активно концертира во повеќе градови низ земјата, меѓу кои Битола, Прилеп, Штип, Гостивар, Охрид, Кавадарци, Валандово и Велес, како и во странство. Во нивниот изведувачки опус се застапени композиции од различни стилски епохи.
Триото има остварено и значајни меѓународни успеси. Во 2021 година ја освои Првата награда – LAUREATE на меѓународниот уметнички фестивал „Future Stars“ во Италија, Втората награда во категоријата инструментална музика за камерни состави на „International Moscow Music Online Competition“, како и Првата награда – LAUREATE на онлајн натпреварот „Prometheus“.
Комбинацијата на флејта, виолончело и пијано создава специфичен и богат камерно-музички звук, а концертот во Прилеп ќе биде можност за публиката да проследи разновидна програма во камерна атмосфера.

















