NO FUN BAND СО НАЈГОЛЕМИТЕ ХИТОВИ НА „ПИНК ФЛОЈД“ НА „ОД 0 ДО КУЛТУРА“

Сподели на социјалните мрежи

Љубителите на рок-музиката во Прилеп во четврток ќе имаат можност да уживаат во музиката на еден од најзначајните рок-бендови на сите времиња. Во рамките на летната манифестација „Од 0 до КултурА“, која ја организира Општина Прилеп, на Камената бина на плоштадот „Александрија“ ќе настапи охридскиот бенд NO FUN BAND.
Концертот ќе се одржи на 27 август, со почеток во 21 часот, а прилепската публика ќе има можност да ги слушне најголемите хитови на легендарниот британски рок-бенд „Пинк Флојд“.
NO FUN BAND постои од 2006 година, а членовите на бендот започнале да свират заедно уште како средношколци. Првично сите свиреле гитара, а со текот на времето секој го пронашол својот инструмент и својата улога во составот.
Од 2008 година бендот настапува во состав Христијан Бујароски – гитара и вокал, Ристе Гашоски – тапани и вокал и Дарко Бујароски – бас-гитара и вокал.
Во текот на своето постоење, NO FUN BAND има настапувано на различни места и на различни видови настани – од локали и натпревари, до хуманитарни акции и концерти на отворено. Нивната приказна е поврзана со долгогодишната посветеност на музиката и желбата да се создава и настапува како бенд.
Овојпат, на Камената бина, тие ќе понудат музичка посвета на „Пинк Флојд“, со избор од нивните најпознати песни.
Концертот на NO FUN BAND е дел од програмата на „Од 0 до КултурА“, која и ова лето носи различни музички содржини на отворен простор во Прилеп.


Сподели на социјалните мрежи