Виена од 24 до 29 август е домаќин на 25. Меѓународен конгрес за византиски студии, кој се одржува под мотото „Byzantium beyond Byzantium“ и претставува еден од најзначајните меѓународни собири посветени на византологијата.
Меѓу учесниците на Конгресот е и научниот кадар на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, претставен со четири научни излагања во текот на два дена.
На 25 август, во сесијата посветена на доцновизантиската книжевност, д-р Марија Чичева-Алексиќ го презентираше својот труд посветен на присуството на филозофот Плетон и византискиот глас во романот „Η Γυφτοπούλα“.
Истиот ден се одржа и сесијата „Култура и уметност на територијата на Охридската архиепископија“, чии конвенери беа д-р Орданче Петров и директорот на Институтот, д-р Александар Василески.
Во рамките на оваа сесија, д-р Василески ги претстави резултатите од истражувањата посветени на архитектурата и живописот на католиконот на манастирот Трескавец во втората половина на XIII и првата половина на XIV век.
Д-р Орданче Петров, пак, говореше за погребните практики и трансформацијата на сакралниот простор во византиска и поствизантиска Македонија.
На 26 август, д-р Иван Заров ја претстави новата интерпретација на посветниот натпис во охридската црква „Богородица Перивлепта“, со посебен осврт на ктиторството и уметноста во Охрид во XIII век.
Презентираните резултати произлегуваат од истражувањата реализирани во рамките на проектот „Византиски монашки центри во РС Македонија. Традиција и континуитет“.
Учеството на научниот кадар на Институтот за старословенска култура на овој значаен меѓународен конгрес претставува можност за презентирање на македонските научни истражувања пред меѓународната византолошка јавност, но и значајна афирмација на научната работа на Институтот и на македонската византологија.



















