Театарската претстава „Теорема, леме“, создадена според романот и филмот „Теорема“ на италијанскиот писател и режисер Пјер Паоло Пазолини, ќе биде изведена на 31 август, со почеток во 20:00 часот, во НУ Центар за култура – Битола. Претставата е во продукција на независниот театар „Златен Елец“, а режијата и адаптацијата се на црногорскиот режисер Мирко Радоњиќ.
Што ако доживееме нешто што ги проширува границите на реалноста? А што ако потоа исчезне? Како се носиме со неговото отсуство и со промените што ги остава зад себе?
Токму од овие прашања поаѓа „Теорема, леме“, отворајќи простор за размислување за човековата природа, надежта, отсуството и светот во кој живееме. Наместо низ призмата на реализмот, овие теми се поставени преку парабола која не нуди еднозначни одговори, туку му остава на гледачот можност самиот да го пронајде сопственото значење.
Во претставата играат Златко Митрески, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски, Марија Карилоска и Бранко Михајлоски. Драматург е Ева Камчевска, костимографијата е на Лина Лековиќ, а преводот на Наташа Сарџоска.
Битолската изведба е дел од гостувањата на „Теорема, леме“, по што претставата на 1 септември ќе биде дел од Фестивалот за интердисциплинарни активности „Вртешка“ на Плачковица, а на 8 септември ќе се претстави и пред публиката на Фестивалот за алтернативен театар ФИАТ во Подгорица, Црна Гора.
Претставата е поддржана во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од „Хартефакт фонд“, како и од Министерството за култура и туризам.
















