ДРАГАН И РАТКО ДАУТОВСКИ СО КОНЦЕРТ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Љубителите на македонската традиционална музика на 2 септември (среда), од 20 часот, ќе имаат можност да присуствуваат на концертот на Драган и Ратко Даутовски, кој ќе се одржи на летната сцена на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
По неодамнешниот настап на Врбјанска Чука, во рамките на „Прилеп Џез Викенд“, Драган и Ратко Даутовски повторно ќе настапат пред прилепската публика, овојпат со концерт во Прилеп.
Проф. д-р Драган Даутовски е едно од препознатливите имиња во македонската музичка култура, особено во областа на традиционалната музика и народните инструменти. Во својата долгогодишна творечка и педагошка работа има значаен придонес во афирмацијата на македонскиот музички фолклор. Автор е на голем број композиции, како и на музика за филм и театар, а со своите проекти и настапи македонската традиционална музика ја има претставувано на бројни сцени во земјата и во светот.
Со него ќе настапи Ратко Даутовски, еден од познатите македонски перкусионисти, кој уште од најрана возраст е посветен на истражувањето и интерпретацијата на македонската традиционална музика, но и на различните ритмички традиции од светот. Ратко Даутовски е долгогодишен член на составот на Драган Даутовски, а настапува и со оркестарот на НУ „Танец“ и со „Васил Хаџиманов Бенд“.
Нивниот концерт во Прилеп ќе биде уште една можност за средба со музичкиот израз на двајца уметници кои со својата работа со години придонесуваат за афирмацијата и современото претставување на македонската традиционална музика.
Влезот е слободен.
Концертот е поддржан од Министерството за култура и туризам.


Сподели на социјалните мрежи