МАЈКА, Јасмина Волческа

Сподели на социјалните мрежи

МАЈКА

Ја погледна право во очи и се насмевна, со онаа искрена наивна детска насмевка.
• Која си ти мила? Се обѕрна околу со прашален поглед, надевајќи се дека можеби останатите членови на семејството ќе дадат некаков одговор.
На Јована ѝ се стегна грлото, а очите ѝ натежнаа од солзите кои со последни сили ги задржуваше. Едвај успеа учтиво да се насмее, а потем изусти:
• Јас сум, мамо. Твојата ќерка.
Ја болеше одвнатре, тоа беше толку силна, неопислива болка…кога Јована стана свесна дека ја губи својата мајка. Пред неа не стоеше жената која ја донесе на овој свет. Пред неа стоеше дете, едно мало изгубено дете.
• Да си одиме одовде, јас…ова не е нашата куќа – извика Марија.
• Мила моја, ова е наш дом. Ти си дома, не ги препознаваш ли ѕидовите? Распукани како овие брчки по моето остарено лице!? Те молам не ме загрижувај, ајде – галовно ѝ се обраќаше Петар.
Тоа беше безвременски гест на искрена љубов, а воедно и страдање. Миг кога некој го губи своето постоење, своето ЈАС, а блиските пак тагуваат по личноста што ја познавале. Експлозија од емоции.
Јована страдаше. Пробуваше да остане присебна и да не мисли на тоа. Но, не можеше едноставно да ги затне ушите како кога беше дете. Кога не сакаше да слуша нешто кое ја плашеше. А сега тоа беше гласот на Марија која непрестајно се обидуваше да го убеди Петар, да си одат дома.
Јована не беше свесна дека заспала, сѐ до моментот кога нејзиниот татко не ја положи раката на нејзиното рамо. Тоа малку ја штрекна, но она што ѝ привлече внимание беше звукот, звукот на тишината. Глува, тешка, како карпа која некој ја фрлил врз тебе и не можеш да се поместиш. И одеднаш болка, како некој наживо да ти го јаде месото, не веруваш, врескаш, ја кубеш косата. Го губиш разумот, сепак на крајот поразено седнуваш. И тогаш, детето во тебе се буди…
• (со плачлив налик детски глас) Мамо, мамо (шепот) мамо…
• Таа конечно е дома – со грутка изусти Петар, доближувајќи го растрепереното тело на своето чедо, крај себе.

Автор: Јасмина Волческа


Сподели на социјалните мрежи