Со прекрасен концерт, исполнет со музичност, емоција и мајсторска интерпретација, виолинистките Софија Никоска Маџароска и Елена Ѓоргиевска синоќа настапија пред прилепската публика во Ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“.
Концертот, насловен „Гласилки“, беше посветен на музиката за две виолини, а двете уметници уште еднаш потврдија колку богато и впечатливо може да звучи музиката создадена само со два инструмента.
Публиката со внимание го следеше секој тон, уживајќи во музичкиот дијалог на двете виолинистки. Со својата интерпретација, Софија и Елена со гудалата ги галеа чувствата и срцата на присутните, создавајќи атмосфера во која музиката се слушаше, но и силно се чувствуваше.
На програмата беа дела од различни периоди и стилови – седум од „Двогласните инвенции“ на Јохан Себастијан Бах, „Пастирско“ и „Два цвета“ од Марјан Јанкоски, „Дуети за две виолини“ од Р. Е. Глиер, како и „Пасакаља“ од Г. Ф. Хендл / Ј. Халворсен.
Разновидната програма им овозможи на присутните да ја почувствуваат широчината на изразот што го нуди овој камерен состав. Од прецизната и суптилна полифонија на Бах, преку лиричните моменти во делата на Јанкоски и Глиер, па сè до впечатливата „Пасакаља“, двете виолинистки создадоа целосна и заокружена музичка приказна.
Она што особено го одбележа концертот беше нивната меѓусебна музичка комуникација. Двете виолини постојано се надополнуваа, разговараа и одговараа една на друга, покажувајќи дека и без голем ансамбл може да се создаде богат и моќен музички израз.
Со „Гласилки“, Софија Никоска Маџароска и Елена Ѓоргиевска му подарија на Прилеп вечер исполнета со убавина, емоција и врвна музичка интерпретација.
За прекрасната изведба, публиката возврати со долг и заслужен аплауз.



















