НОВИ АРХЕОЛОШКИ СОЗНАНИЈА ОД „СТАРО БОНЧЕ“

Сподели на социјалните мрежи

Систематските археолошки истражувања на археолошкиот комплекс „Старо Бонче“ во изминатите десетина дена донесоа нови сознанија за значењето и континуитетот на користење на овој исклучително значаен локалитет.
Истражувањата ги реализира тим од Катедрата за археологија при Филозофскиот факултет, предводен од проф. д-р Антонио Јакимовски, во соработка со Заводот и музеј – Прилеп и археолозите Душко Темелкоски и Оливера Јандреска.
Особено внимание во актуелната истражувачка кампања е посветено на едно од фронталните паноа, каде што се откриваат остатоци од погребувања од средновековниот период, датирани во XI и XII век.
Наодите се значајни бидејќи упатуваат дека просторот имал култен карактер и дека бил место на почитување од страна на жителите на населбата и во средновековниот период. Со тоа, новите истражувања придонесуваат кон подобро разбирање на историјата на локалитетот и неговото значење низ различни историски периоди.
„Старо Бонче“ е локалитет од исклучително археолошко, историско и културно значење. Во неговиот комплекс посебно место има Кралската гробница, која со своите импозантни димензии, архитектонски елементи и положба на падините на Селечка Планина сведочи за значењето што овој простор го имал во античкиот период.


Според досегашните сознанија, се претпоставува дека во гробницата бил погребан пелагониски владетел од IV век пред нашата ера, што дополнително го нагласува значењето на локалитетот во проучувањето на минатото на Пелагонија.
Во текот на актуелните археолошки истражувања, локалитетот го посети и градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, кој се запозна со работата на археолошкиот тим и со досегашните наоди.
Во врска со идните активности, од Општина Прилеп најавуваат поддршка за подобрување на пристапот до локалитетот и за неговата заштита и афирмација.
„Во нашата програма за работа имаме предвидено и веќе работиме на изработка на проектот за изградба на локален пат с. Бонче – с. Старо Бонче – с. Подмол, како и рехабилитација на пристапниот пат и пристапот кон Кралската гробница“, истакна Проданоски.
Во понатамошната постапка за изработка на основен проект за конзервација, реставрација и делумна реконструкција на Кралската гробница, од Општина Прилеп најавуваат поддршка на Заводот и музеј – Прилеп за активностите поврзани со нејзината непосредна заштита.
Покрај истражувањето и заштитата, целта е „Старо Бонче“ да добие поголема видливост и да биде соодветно претставено како значаен дел од археолошкото и културното наследство на Прилеп и Пелагонија.
Новите наоди од средновековниот период уште еднаш го потврдуваат потенцијалот на „Старо Бонче“ како локалитет кој може да понуди значајни сознанија за историјата на просторот и за животот на заедниците што низ вековите го населувале и го користеле.


Сподели на социјалните мрежи