СО „ШЕХЕРЕЗАДА“ ЗАПОЧНУВА ЈУБИЛЕЈНИОТ 35. ИНТЕРФЕСТ-БИТОЛА

Сподели на социјалните мрежи

Со балетската претстава „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков, во изведба на Националната опера и балет, на 2 октомври во НУ Центар за култура – Битола ќе биде отворено јубилејното 35-то издание на Интерфест-Битола.
Првата фестивалска вечер ќе ја донесе на сцената познатата балетска приказна инспирирана од „Илјада и една ноќ“, во која преку танцот и музиката се испреплетуваат љубовта, страста, неверството и одмаздата.
„Шехерезада“ ќе биде изведена во кореографија на Михаил Крапивин од Русија, а во солистичките улоги ќе настапат Наташа Трендафилова-Гицев и балетскиот првенец од Унгарија, Балаж Лочеи.
Музиката на рускиот композитор Николај Римски-Корсаков ја носи приказната низ различни расположенија и драмски ситуации, додека препознатливото виолинско соло на почетокот ја воведува публиката во ориенталниот свет на „Шехерезада“.
Свеченото отворање ќе започне во 20 часот во Центарот за култура – Битола, а на програмата пред балетската претстава, во 19:30 часот, ќе биде поставена и ликовната изложба „Современа италијанска графика и цртеж“.
Со „Шехерезада“ ќе започне фестивалската програма на Интерфест-Битола, кој годинава го одбележува своето 35-то издание. Интерфест ќе се одржува од 2 до 10 октомври во Битола, со програма посветена на класичната музика и уметноста.


Сподели на социјалните мрежи