Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп беше место каде што учениците од четврто одделение при ООУ „Климент Охридски“ го реализираа својот час по Македонски јазик и литература, надвор од училишните клупи.
Часот се одржа на 3 ноември, на Денот на ослободувањето на Прилеп, под раководство на нивната наставничка Катерина Макалоска. Со оваа посета, учениците се вклучија во одбележувањето на значајниот датум за градот, но и на Месецот на книгата.
Од Градската библиотека „Борка Талески“ ја истакнуваат важноста од ваквите средби со најмладите, нагласувајќи дека библиотеката не е само место за чување и читање книги, туку и простор во кој се поттикнуваат љубопитноста, креативноста и љубовта кон пишаниот збор.
Токму најмладите читатели се важен дел од нејзината работа, а посетите и часовите што се реализираат во библиотеката придонесуваат децата уште од најрана возраст да ја препознаат како место за учење, дружење и откривање нови интереси.
Од установата упатија благодарност до учениците и нивната наставничка за посетата и порачаа дека библиотеката и понатаму ќе биде отворена за нивните идеи, творечки активности и развивање на читачките навики.
Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп

















