„СПАМ“ – САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА НА ЃОРЃИ ДЕСПОДОВ ВО ЛИКОВНАТА ГАЛЕРИЈА ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Самостојната изложба „СПАМ“ на мултидисциплинарниот уметник Ѓорѓи Десподов ќе биде отворена на 27 ноември, во 19 часот, во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
„СПАМ“ обединува три уметнички проекти на Десподов, развивани од 2023 година до денес: „SPAM“, „Honey I’m Home“ и „The Goblet of Delusion“. Тие се поврзуваат во заедничка целина во која дигиталната култура, шпекулативните светови и апсурдите на секојдневието се испреплетуваат, отворајќи прашања за влијанието на технологијата врз современиот човек и неговото секојдневно живеење.
Преку изложбата, авторот се осврнува на светот во кој паметните уреди, дигиталните платформи и технологијата сè повеќе го обликуваат начинот на кој живееме, комуницираме и ја доживуваме реалноста. Удобноста и поврзаноста што ги ветува современата технологија се поставени во контекст на нивните можни последици, недоразбирањата и противречностите што ги носат.
„СПАМ“ отвора простор за уметничка игра со грешките, заблудите и неисполнетите ветувања на дигиталниот свет, поставувајќи го апсурдот како можен начин за преиспитување на реалноста.
Ѓорѓи Десподов (1996, Прилеп) е мултидисциплинарен уметник кој живее и работи во Хаг, Холандија. Неговата уметничка практика се развива на пресекот меѓу физичката и дигиталната реалност, преку дигитална илустрација, видео, 3Д-анимација и инсталација, со истражување на можностите на виртуелната и проширената реалност.
Магистрирал во 2025 година на Кралската академија за уметност во Хаг, на програмата „Non Linear Narrative“. Истата година ја добил наградата „„STRP Young ACT Award““ во Холандија за магистерскиот проект „Doom Scroll Rehab: Cache Cleanse“. Во 2023 година ја освоил и наградата „ДЕНЕС“ за млад визуелен уметник во Македонија.
Во своето творештво, Десподов ги поврзува личните искуства со пошироки општествени прашања, истражувајќи ги односите меѓу технологијата, идентитетот, структурите на моќ и современата визуелна култура. Неговите дела истовремено ја преиспитуваат средината во која настануваат и начинот на кој современиот човек ја доживува.
Неговото творештво е претставено на повеќе меѓународни фестивали и групни изложби во земјава и во странство.
Со изложбата „СПАМ“, прилепската публика ќе има можност да се запознае со актуелната уметничка практика на автор кој преку современи визуелни медиуми ги истражува промените во односот меѓу човекот, технологијата и реалноста.


Сподели на социјалните мрежи