Танцовото студио „Зодијак“ од Прилеп во сабота, 21 ноември, со почеток во 12 часот, на Големата сцена при НУЦК „Марко Цепенков“ ќе го изведе мјузиклот „Снежното Кралство“.
Претставата е замислена како сценска целина во која се испреплетуваат актерската игра, музиката и танцот, надополнети со костими, сценографија, кукли, светлосни ефекти и 3D-мапинг. Преку зимска приказна наменета за децата и младите, мјузиклот ги отвора темите за љубовта, семејството, сестринството, довербата и меѓусебната поддршка.
Режијата и кореографијата се на Кире Миладиноски, драматизацијата и адаптацијата на Благојче Николоски, а музиката е на Томе Темелковски. Во реализацијата учествува бројна екипа на соработници и изведувачи.
„Снежното Кралство“ е одобрено во Националната програма за култура и уметност на Министерството за култура и туризам за 2026 година. Станува збор за прва годинешна продукција на Танцовото студио „Зодијак“, реализирана во копродукција со Центарот за култура „Марко Цепенков“, кој веќе 27 години е матична сцена на студиото.
Покрај создавањето сценски продукции, од „Зодијак“ ја истакнуваат и важноста на развивањето млада театарска публика, преку запознавање на децата со уметноста, сценските пораки и процесот на создавање една претстава.
















