МУЗИКАТА КАКО ЈАЗИК НА ИДНИНАТА: ИНТЕРВЈУ СО ДАВИД НЕШКОСКИ ОД МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ „МАТРИКС“ – ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Првото приватно музичко училиште во Прилеп што преку современ пристап, индивидуална настава и сценско искуство создава нови генерации музичари.
Во град со богата културна и музичка традиција, музичкото училиште „Матрикс“ – Прилеп се издвои како пионер во приватното музичко образование. Основано со јасна визија да им овозможи на децата, младите и возрасните квалитетна и современа музичка едукација, „Матрикс“ денес претставува простор каде талентот се негува, знаењето се гради чекор по чекор, а музиката станува начин на изразување и животен избор. Во продолжение, разговараме за почетоците, образовната понуда, наставниот кадар и идните планови на ова музичко училиште.
Како се роди идејата за основање на првото приватно музичко училиште во Прилеп – „Матрикс“?
Музичкото училиште МАТРИКС е основано од една едноставна, но силна причина – љубовта кон музиката. Музиката е таа што нè поврза сите нас: нас како музичари со долгогодишно, животно искуство, но и сите оние кои некогаш посакале да се доближат до инструментот и да го пронајдат својот пат во музиката. Во период кога во Прилеп и регионот не постоеше ниту едно приватно музичко училиште, по моето долгогодишно живеење и работење надвор од Македонија – конкретно во Соединетите Американски Држави – се роди желбата да се создаде нешто што навистина ќе направи разлика. Разлика во македонската култура, особено во локалната, прилепската сцена, и ќе отвори вистинска можност за младите да се едуцираат музички на квалитетен, современ и светски признат начин. Со целосна почит кон државното музичко образование и класичната музика, ние во МАТРИКС се фокусираме на модерен, актуелен пристап – токму оној по кој се образувале голем дел од светските бендови и музички имиња. Резултатите зборуваат сами за себе: веќе речиси 10 години училиштето функционира беспрекорно, а младите музичари што излегуваат од МАТРИКС градат силен музички карактер – современ, автентичен и подготвен за светската сцена денес.
Што го издвојува „Матрикс“ од другите музички училишта во регионот?
Музичкото училиште Матрикс од самиот почеток се залага да понуди квалитетно музичко образование, многу блиско до она што се изучува и практикува во светот – и формално и неформално. Зошто? Затоа што младите денес, особено со помош на модерната технологија, имаат можност да видат како функционира светската музичка сцена и како треба да звучи еден навистина квалитетен бенд. Токму тоа е целта кон која се стремиме. Во изминатите повеќе од десет години постоење на Матрикс, таа цел постојано и доследно ја реализираме. Со особена гордост можеме да кажеме дека имаме ученици кои денес свират низ светот, се активни членови на бендови и живеат од и за музиката. Тоа е нашата најголема награда. Наша задача отсекогаш била да им го покажеме вистинскиот пат на работа и размислување, и да им ја всадиме љубовта кон музиката – слободна, неограничувачка и насочена кон квалитет. Матрикс не е наменет исклучиво за идни професионални музичари. Училиштето е отворено за секој што сака да свири, да музицира или да пее. На насоките по тапани, гитара, клавир, бас гитара и соло пеење може да се запише секој – од најмала возраст, па сè до возрасни. Возраста не е ограничување. Единствено што е важно е желбата за учење, редовноста и љубовта кон музиката – истата љубов со која ние ја работиме нашата работа, секој ден, со целосна посветеност.
Како изгледа еден типичен час по гитара, клавијатури или пеење?
Еден типичен час во Музичкото училиште Матрикс е многу поинаков од оној во класичното, стандардно музичко образование. Кај нас нема строги правила и шаблони – постои само временска рамка и креативен разговор со професорот. Разговор кој те поттикнува да размислуваш логички, креативно и музикално. Разговор кој те подготвува да размислуваш активно на сцена – тука и сега. Нашиот пристап е практичен. Образување директно од зборот кон инструментот. Секој ученик, со инструментот во раце или пред него, има можност веднаш да го види, слушне и почувствува она за што се зборува. Теоријата и праксата се случуваат во ист момент. Целта на нашето образование е јасна: да создадеме музичари кои се подготвени за сцена – било каде и било кога. Токму затоа организираме концерти и настапи за учениците. Им даваме реална можност да излезат на сцена, да го почувствуваат адреналинот, одговорноста и радоста од настапот. Тоа не е само дел од програмата – тоа е суштината на нашето постоење и суштината на Музичкото училиште Матрикс.
Кој стои зад наставниот кадар на „Матрикс“ и какво е нивното искуство?
Кадарот на музичкото училиште Матрикс, исто како и самите часови, го сочинуваат неконвенционални музичари. Кај нас не е неопходно да имаш формално музичко образование – неопходно е да бидеш добар во тоа што го работиш, да имаш квалитет и вистинска љубов кон музиката. Токму затоа, нашите професори и ментори се долгогодишни професионалци со повеќедецениско искуство: свирење на сцена, работа во студио, настапи во бендови и различни музички формации. Сето тоа практично знаење е подготвено да биде пренесено на следната генерација музичари. Како и нашето неформално музичко образование, кое е квалитетно и според светски стандарди, така и нашите ментори се фокусирани на реалната примена на музиката. Учениците учат како се свири во екипа, како функционира бенд, како изгледа работа во различни музички организации и кои се правилата што не се толку важни на хартија, колку што се важни во реалниот живот – сега, овде и веднаш.
Колку е важен индивидуалниот пристап во работата со учениците?
Музичкото образование на самиот почеток мора да има одредени правила и јасни концепти на работа, сè додека не се совладаат основите и клучните елементи кои секој музичар мора да ги познава — ритамот, акордите и основната хармонија на музиката, без разлика на инструментот. Но, по таа фаза, индивидуалниот пристап станува исклучително важен. Зошто? Затоа што секој музичар треба да изгради сопствен музички карактер и автентичен музички идентитет. Секој млад музичар уште од најраните почетоци треба да се развива во правец што му одговара, правец во кој се препознава и во кој се чувствува инспирирано. Тоа е вистинскиот и најсигурен пат кон успехот на кој било инструмент. Токму затоа, со секој ученик работиме индивидуално. Секој има свој глас, свои идеи, свој вкус и љубов кон различен музички стил — и тоа е сосема во ред. Во нашата лепеза на музички стилови се вклучени македонска и странска музика, како и различни гитарски правци: блуз, поп, рок, метал и многу други, па сè до македонски народни песни и фолклорни мелодии. Оваа широчина не нè ограничува, туку напротив — ни овозможува да не им наметнуваме рамки на учениците, туку да им дадеме простор и слобода правилно да се изградат во насока која тие ја сакаат и која е најдобра за нив. Насока што ќе ги мотивира, инспирира и ќе ги води кон развој во професионални музичари.
Дали наставниците активно настапуваат и се дел од музичката сцена?
Сите професори кои работат кај нас се активни музичари што секојдневно настапуваат на сцена – како дел од екипи, бендови, како соло изведувачи, со македонски оркестри и со филхармонии. Тие се музичари подготвени да настапат во секој момент, на секое место. Токму тоа е нашето најголемо богатство – живото искуство, сценската подготвеност и реалниот допир со музиката. Тоа е знаење кое со децении се градело и се собирало, а денес со страст и одговорност се пренесува на следната генерација музичари.
Дали имате ученици кои веќе настапуваат, снимаат или се дел од бендови? Кои успеси или приказни од ученици би ги издвоиле како посебна гордост?
Имаме ученици кои настапуваат на најразлични натпревари, како во Македонија така и во странство, и континуирано освојуваат гранд-при награди, високи признанија и интернационални почести. Тоа за нас претставува огромна радост и искрена гордост. Нашите ученици активно свират во бендови, а дел од нив веќе заработуваат од музиката, што е уште еден силен показател за квалитетот на образованието кое го нудиме. Тие градат професионални музички кариери и се подготвени како за домашната сцена, така и за интернационален ангажман. Токму тоа е нашата цел и суштината на ова музичко образование – да создадеме музичари со реални, опипливи и моментални резултати. Ученици кои започнале со нас пред многу години, денес се возрасни, оформени луѓе, кои самоуверено го чекорат својот музички пат.
Дали училиштето организира концерти, јавни настапи или ученички настани? Колку е важно учениците да стекнат сценско искуство?
Организирањето на јавни музички настапи е од основно и клучно значење за постоењето и функционирањето на нашето музичко училиште. Зошто? Затоа што ние редовно, без исклучок, организираме еден до два поголеми и посериозни настани во текот на една година. Тоа значи дека постојано сме подготвени за настапи, за формирање бендови и за создавање реални сценски услови. Нашите ученици на тој начин добиваат можност да почувствуваат како навистина изгледа излегувањето на сцена – како е да се настапи пред публика, но и како е да се згреши на сцена, што е подеднакво важно. Притисокот, адреналинот и „мирисот“ на сцената не можат да се објаснат со зборови; тие можат да се разберат само кога некој лично ќе застане на сцена и ќе го доживее тоа искуство. Затоа, организирањето концерти кај нас не е исклучок, туку правило. Тоа е редовна и задолжителна пракса за секој музичар кој поминал низ просториите на МАТРИКС.
Каква е визијата на „Матрикс“ за иднината?
Со гордост истакнуваме дека Музичкото училиште Матрикс, во текот на целото свое постоење, континуирано се развива во нагорна линија – како во однос на професионалноста, така и во создавањето и понудата на квалитетни музички резултати, кои се повеќе од очигледни кај нашите ученици. Секогаш имаме јасен план за развој и визија за иднината, како и планови за организирање на сè поголеми и посериозни музички манифестации, кои се од исклучително значење за напредокот и мотивацијата на нашите ученици, како што беше спомнато и во претходното прашање. Матрикс како институција постојано расте – се зголемува бројот на ученици, се воведуваат нови музички правци, се додаваат нови, интересни и едукативни содржини, како и нови професионални инструменти на кои учениците можат да свират. Сето она што е неопходно, па дури и повеќе од тоа, за оптимален музички и уметнички развој на еден музичар, ние го обезбедуваме.
Како дојдовте до идејата „Матрикс“ да го отвори првото онлајн училиште за гитара?
Светот дефинитивно се движи напред – кон дигитални, електронски и виртуелни начини на комуникација и едукација. Токму затоа, за првпат во Македонија, создадовме платформа што има за цел целосно да го редефинира музичкото образование – гитара.мк. Ова е веб-сајт наменет да го замени и формалното и неформалното музичко образование, со посебен фокус на гитарата. Платформата овозможува секој, без разлика на возраст, локација или претходно искуство, да учи гитара било кога, било каде и на свој начин. Гитара.мк е создадена да го пренесе целото искуство од еден квалитетен, професионален час – директно пред вашиот екран. Предноста на ваквиот начин на едукација е целосната слобода: секоја лекција може да се прегледа или преслуша онолку пати колку што е потребно, сè додека материјалот не стане целосно јасен. Платформата е веќе активна и достапна. Секој што живее во Македонија, или зборува македонски каде и да е во светот, може да се зачлени и да започне професионално и квалитетно образование на гитара. Знаењето се пренесува од професори со долгогодишно, децениско искуство на инструментот и на сцена.
Зошто музиката е важна инвестиција во личниот развој на децата и младите?
Музиката има круцијално значење за развојот на секој млад човек, особено во раните години. Дури и ако не станеш професионален музичар, музиката ти помага да развиеш култура на слушање и внимание. Таа култура не се однесува само на музиката, туку и на целиот живот – те учи да бидеш добар слушател, да се концентрираш, да размислуваш аналитички, и да создаваш идеи и решенија кои се добро промислени, а не недоразмислени. Музиката ги учи младите дека секој процес бара учење, посветување внимание и љубов кон тоа што го правиш. Таа го развива трпението, дисциплината, креативноста и емпатијата. На тој начин, музиката не е само уметност – таа е основа за развој на личноста и способностите на младите луѓе.
Како заинтересираните можат да се пријават и дадобијат повеќе информации?
Секој кој е заинтересиран за музичко образование или за часови може слободно да ни се обрати преку социјалните мрежи на музичкото училиште Матрикс. Контакт телефоните се секогаш достапни за јавноста, па можеш да ни се јавиш, да ни кажеш зошто си заинтересиран и да договориме разговор за упис на кој било од нашите понудени смерови. Во меѓувреме, гитара.мк е веб-сајт кој можеш да го посетиш во било кое време, од било каде, и да се зачлениш. Официјално и квалитетно музичко, особено гитарско, образование е достапно веднаш. На твојот екран ќе добиеш години и години музичко искуство, собрано на едно место.


Сподели на социјалните мрежи