По повод 76-годишнината од постоењето на Театар „Војдан Чернодрински“, новинарката Каролина Мицевска, која повеќе од три децении посветено ја следи работата на културните институции и театарскиот живот во Прилеп, на својот фејсбук-профил објави текст во кој ги спои личните спомени со вредна фактографија за развојот на театарот. Нејзиниот текст, кој го пренесуваме во целост, претставува сведоштво за историјата, континуитетот и уметничката енергија на прилепската сцена.
Во продолжение објавениот текст на Мицевска:
76 години театар „Војдан Чернодрински“. 76 години театарска магија, елан, пожртвуваност на ансамблот.
Од 76-те, повеќе од 30 години сум со театарот од секој аспект, и многу ми значи не само како институција, туку и луѓето кои биле и се дел од ансамблот. Честитки за годишнината!
Пишувајќи за животот на сцената, за играта, за претставите, анализирав дека над 350-те премиери ги режирале 70 режисери.
Најмногу – 62 режии има Благоја Дамевски. По 24 режии имаат Коле Ангеловски и М. Стефановски. Режисер на 16 претстави бил Б. Алексов, а по 15 режии имаат Кирил Петрески и Ацо Алексов.
По 10 режии имаат: Аце Михајловски и С. Стојаноски, 7 – Владо Цветановски, 6 – В. Милчин, 5 – Мартин Кочовски…
На сцената се поставени околу 290 текстови. Најпоставуван автор на сцената на театарот е Бранислав Нушиќ – 15 пати, од кои три пати текстот „Нажалена фамилија“, во периодите 1950/51, 1962/63 и 1984/85, потоа по 8 пати Иљовски и Хаџиќ, Фејдо…
Ова е историја, а историја се и фотографиите што денес ги поставувам на ФБ во чест на годишнината на театарот, кој ја прославува со роденденска недела на претстави и ретроспективна изложба на фотографии од театарски претстави.
Да се множат годините и успесите!
















