Како што се приближува датумот на концертот посветен на легендата Тоше Проески, организаторот продолжува со постепеното најавување на изведувачите што ќе ѝ дадат посебен емотивен тон на вечерта.
На сцената на настанот „Засекогаш во срцата“ ќе застанат уметници кои со голема почит и одговорност ќе ги интерпретираат песните што остануваат длабоко врежани во колективната меморија на публиката. Мелодиите што со години се пеат наизуст повторно ќе оживеат преку изведбите што носат емоција, сеќавање и љубов кон музичкото наследство на Тоше.
Оваа година заедно ќе настапат: Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Бојан Стојков, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Марија Јаковлеска и Алексеј Ивановски. Секој од нив ќе донесе свој препознатлив вокален израз, но сите со заедничка цел – да ја продолжат приказната што Тоше ја остави зад себе.
Концертот посветен на легендата Тоше Проески,по осми пат, ќе биде на 05 март 2026 година, Оркестар ДИВА и НУ Камерен оркестар на Битола, во соработка со Центарот за култура – Битола, ќе нè потсетат на уметникот кој засекогаш остана дел од нашите срца. Концертот ќе се одржи во Центар за култура – Битола, со почеток во 20:00 часот.















