По повод 8 Март – Денот на жената, учениците од ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ – Прилеп синоќа (05.03.2026) одржаа свечен осмомартовски концерт во фоајето на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Концертот беше исполнет со музика, емоции и искрена благодарност кон сите жени – мајките, наставничките и сите оние кои со својата грижа и посветеност оставаат длабока трага во животот на младите.
Настанот го отвори директорката на училиштето, Мартина Пашоска–Стојанов, која ја поздрави публиката и накратко ја претстави програмата, осврнувајќи се и на континуираната работа и успесите на училиштето. Во публиката присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски.
Учениците настапија со внимателно подготвена програма, изведувајќи композиции од различни музички жанрови и демонстрирајќи ја својата музичка вештина и талент. Со своите изведби тие ја пренесоа пораката на почит, љубов и благодарност кон жената.
Вечерта помина во топла и свечена атмосфера, исполнета со аплаузи и убави мелодии, кои уште еднаш потврдија дека музиката е најубавиот начин да се изрази благодарност и почит.



















