Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ-Прилеп, годинава на 16 јануари, токму на денот на раѓањето на поетот Волче Наумчески, роден пред 110 години во Прилеп, распиша литературен конкурс за учениците од основните училишта. Наумчески во македонската литература е значаен особено заради објавувањето на стихозбирката „Иди пролет“ објавена во 1939 година во Битола, која претставува прва стихозбирка целосно отпечатена на македонски во предвоена Југославија.
Целта на распишаниот конкурс распишан за учениците од 3. до 9. одделение од општините Прилеп, Крушево, Кривогаштани и Долнени е да се поттикне поетскиот порив кај учениците, а истовремено да осознаат за нивниот литературен предок Волче Наумчески.
На конкурсот пристигнаа над педесет творби од сите општини вклучувајќи и градови и населени места. Конкурсот беше затворен на 26 февруари. Прочитот и селекцијата на наградените творби го направи поетесата Вера Андон од Скопје, која во двете категории ( од 3. до 5. одделение и од 6. до 9. одделние) избра првонаградени, второнаградени и третонаградени творби.
На завршниот настан, одржан на 24 март во библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп, во присуство на најголем дел од учесниците и нивните ментори како и други љубители на пишаниот збор и поддржувачи на детскиот талент, беа соопштени наградените ученици кои јавно ги прочитаа своите творби. На тоа претходеше, претставување на дел од творештвото на поетесата Вера Андон, која претстави дел од својата поезија за деца и за млади. По сооштувањто на наградените, доделувањето на наградите и по презентацијата на творбите, поетесата Андон, со избрани стихови од сите пристигнати творби даде осврт истакнувајќи ги најбележитите креации на учениците.


Водителка на настанот беше поетесата Лина Димоска, а свое обраќање имаше поетот Филип Димкоски, претседател на Здружението ЗОКУМ, кој благодарници за соработка и поддршка им врачи на директорката на библиотеката, Андриана Ристеска и на поетесата Вера Андон.
Ристеска посочи дека библиотеката е отворен простор за сите добри идеи и дека е расположена за соработка со невладиниот сектор кој се залага за промовирање на културните и книжевните вредности. Поетесата Андон пак, посочи дека овој конкурс би требало да прерасне во книжевен фестивал за деца. Наградените добија книги, дипломи и чоколада, но најзначајно им беше објавата на нивните наградени песни во единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат „Колибри“ во првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“. На читателите на Клуб Деница им најавуваме дека наскоро песните ќе бидат објавени и на нашиот медиум. Наградените учесници ќе добијат и аудио записи на нивните песни изрецитирани од поетесата Вера Андон. Сите учесници и нивните ментори добија благодарници, а настанот беше проследен од повеќе локлани и национални медиуми.
Во рамки на програмата благодарение на отвореноста за соработка од страна на наставничката Јулијана Талеска при ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, беше органзирана работилница со учениците од шесто одделение во нивното училиште на која гостуваше поетесата Вера Андон. На работилницата беше применета иновативната техника „блек аут“ со стиховите на поетесата. Во реалзиацијата на целиот настан активно беше вклучен Мултимедијалниот клуб „К“ од споменатото училиште.
Здружението ЗОКУМ во рамки на годинешните активности го реализираше поетско музичкиот перформанс „Љубење со стихови“ во февруари, конкурсот „Кој не сака пролет“ во периодот од јануари до март, а во тек е и онлајн курсот по биоградианрство. Во април, предвиден е завшен настан на курсот и работилница по биоградинарство со физичко присуство и со практична работа. До крајов на годинава, меѓу другото, предвидено е и осмотото издание на веќе традиционалниот поетски настан „Љубење со стихови“ планиран за месец октомври.
Наградени учесници на конкурсот „Кој не сака пролет?“
од 6 до 9 одделение:
Прва награда:
Пролет
Далјан Лазар Александар Трајкоски 6- б одд.
ООУ “Кочо Рацин“ Прилеп
Ментор:
Габриела Стојаноска- Станоеска
Втора награда:
Девојката што разговараше со времето
Марија Богојоска 9 одд.
ООУ „Св. Кирил и Методиј с. Бучин
Крушево
Ментор:
Невена Ристеска
Трета награда:
Ние постоиме
Нурај Синаноска 7 одд.
ООУ „Ѓорче Петров“ с. Ропотово
Ментор:
Стефани Видеска
Од 3 – 6 одделение:
Прва награда:
Кој не сака пролет?
Галена Митреска 5 г одд.
ООУ „ Гоце Делчев“ Прилеп
Ментор:
Даниела Наумоска
Втора награда:
Будење на тишината
Марија Мешеска 5 г одд.
ООУ „ Гоце Делчев“ Прилеп
Ментор:
Даниела Наумоска
Трета награда:
Кој не сака пролет?
Јана Маркоски 4 а одд.
ООУ „Никола Карев“ Крушево
Ментор:
Надица Нане
Фотографиите се од албумот на здружението ЗОКУМ















