ОМАЖ ЗА БЛАГОЈА БОГЕСКИ – УМЕТНОСТ МЕЃУ ПРИРОДАТА И АПСТРАКЦИЈАТА

Сподели на социјалните мрежи

Македонската културна јавност со особена почит се навраќа на ликот и делото на Благоја Богески (1932–2021) – сликар и педагог, чиј богат творечки опус претставува значаен дел од современата македонска ликовна уметност. Неговото име останува синоним за истрајност, автентичност и длабока поврзаност со природата и внатрешниот свет на формата.
Роден во Прилеп, Богески уште од младоста ја покажува својата наклонетост кон ликовното изразување. Образованието го продолжува во Скопје, на Педагошката академија – ликовен оддел со историја на уметноста, по што својата професионална кариера ја гради како наставник по ликовна уметност. Работел како наставник по ликовно образование во основното училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп. Но, паралелно со педагошката работа, тој не престанува да твори, градејќи континуиран и зрел уметнички пат што трае повеќе од четири децении. Член е на ДЛУП и ДЛУМ.
Неговото сликарство се движи меѓу реализмот и полуапстрактниот израз, создавајќи препознатлива синтеза на видливото и имагинарното. Делата на Богески се исполнети со разноликост, силна метафоричност и динамика, при што релјефната текстура и импасто техниката играат клучна улога во градењето на визуелниот ефект. Боите кај него не се само естетски елемент, туку носители на енергија и емоција.
Посебен сегмент од неговото творештво претставуваат органските форми – структури што асоцираат на растителни елементи, фантастични облици или микроскопски светови. Неговата инспирација често произлегува од природата, од пресеците на дрво, но и од внимателното набљудување на ситни инсекти под микроскоп. Токму во тие микросветови, Богески препознава универзални форми кои ги трансформира во впечатливи ликовни композиции, создавајќи дела што функционираат како визуелни метафори.
Во овој контекст, историчарот на уметност Елена Чагороска ќе забележи дека неговото творештво „се сместува во нефигуративното сликарство, разгледувано од пошироки аспекти“, нагласувајќи дека „третирањето на релјефниот слој на сликата му одредува посебен, дури и ‘единствен’ ликовен статус“. Таа исто така потенцира дека кај Богески постои „автентичен јазик“ и внатрешен импулс преку кој се потврдува како „сликар со созреани искуства“.
Неговите композиции се резултат на интуитивен, но и длабоко промислен процес, каде природата се сведува на суштински визуелен елемент, а апстрактните форми добиваат чисто естетска и симболичка функција. Во нив се чувствува влијанието на енформелот, но и силна лична нота, која го прави неговиот стил лесно препознатлив.
Во текот на својата кариера, Богески реализирал повеќе од триесет самостојни изложби во Македонија (Прилеп, Скопје, Битола, Велес, Крушево, Кавадарци, Свети Николе) и во странство (Перт Австралија), како и над сто групни изложби, учества на ликовни колонии и бројни уметнички настани. Работел и на монументални проекти – мозаици и ѕидно сликарство, а неговите дела денес се наоѓаат во бројни приватни и институционални колекции.
За својот придонес е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата на Општина Прилеп, како и републичкото признание „Ѕвезда од II степен“, со што се потврдува неговото значење во националниот културен контекст.
Благоја Богески останува запаметен како тивок, но исклучително посветен уметник, кој преку својата работа успеа да создаде сопствен визуелен универзум. Неговите дела и денес комуницираат со публиката – како потсетник дека уметноста не е само претстава на светот, туку и негово длабоко, внатрешно доживување.



Сподели на социјалните мрежи