Во време кога урбаната култура оставала длабоки траги врз идентитетот на младите, документарниот филм „Како плачат улиците“ претставува силна и емотивна хроника за една генерација што живеела и творела низ ритамот на хип-хопот.
Овој филм носи приказна за младоста која пулсирала со богата урбана сцена, каде стиховите биле гласот на улиците, создавајќи пријателства што траат и денес. Документарниот филм, „Како плачат улиците“ го доловува духот на едно време, потсетувајќи дека вистинското живеење значи духовно богатство.
Зад концептот и иницијативата стои Филип Ошавков – Генго, додека сценариото и режијата се дело на Христијан Аџиоски и Дејан Трајчевски, во продукција на Endorse media production.
Публиката ќе има можност да биде дел од овој урбан настан на 4 април 2026 година во Центарот за култура во Битола, со почеток во 19:00 часот, кога во долното фоаје ќе се одржи графити сесија проследена со DJ сет, додека проекцијата на филмот е закажана за 20:00 часот.
Овој настан претставува ретка можност за сите љубители на урбаната култура да се потсетат на едно автентично време и да ја почувствуваат енергијата на улиците – онака како што некогаш звучеле.















