На 4 април (сабота), Центарот за култура – Битола ќе биде домаќин на уникатен настан кој ветува многу смеа, музика и детска радост. Во организација на Cosmic Development, годинашната велигденска авантура добива посебна „вселенска“ димензија, збогатена со присуството на омилените детски ликови Биби и Боби.
Настанот започнува во 11:00 часот со велигденски базар, на кој ќе бидат изложени креативни изработки од дечињата од битолските градинки. Овој дел од програмата ќе понуди можност посетителите да уживаат во детската имагинација и ракотворби, но и да дадат поддршка на најмладите.
Во 12:00 часот следува сценски настап на децата од градинките, по што започнува главната забава со Биби и Боби – интерактивна програма исполнета со музика, игра и многу изненадувања.
Покрај забавниот карактер, настанот има и хуманитарна димензија. Станува збор за донаторски настан, а средствата ќе бидат наменети за обезбедување нови креветчиња за градинките во Битола, со што секое купено билетче добива дополнителна вредност.















