ПРОМОЦИЈА НА ПУБЛИКАЦИЈА ПОСВЕТЕНА НА ЃОРЃИ АЧЕСКИ – АЧЕ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Во среда, на 8 април 2026 година, со почеток во 19 часот, во Камерната галерија „Аче“, сместена во објектот на поранешното „Бабанеделино“ училиште во Прилеп, ќе се одржи промоција на публикацијата „Еден музеј на една архитектура“, посветена на еден од најзначајните прилепски ликовни уметници, Ѓорѓи Ачески – Аче.
Оваа публикација претставува значаен придонес кон валоризацијата и зачувувањето на уметничкото творештво на Ачески, автор кој остави длабока трага во современата македонска ликовна сцена. Настанот ќе биде можност за пошироката јавност, љубителите на уметноста и културните работници да се запознаат подетално со животот и делото на Ачески, како и со концептот на самата публикација.

За ликот на Аче, за боемскиот Прилеп и за „’ркулците“ на македонската ликовна уметност ќе говорат:
• Мимоза Христоска, директорка на НУ Завод и музеј – Прилеп
• Елизабета Иваноска, кустос
• Александар Еленин, претставник на списанието „Стремеж“
• Кирил Гегоски, уметник и пријател на Аче
Модератор на настанот ќе биде Паре Зареска, виш кустос.
Во рамки на програмата ќе биде прикажана и дигитална презентација „Аче – последниот боем“, која ќе опфати факсимили и цртежи од богатото творештво на уметникот, во сопственост на МАНУ, Националната галерија и приватни колекции.


Промоцијата ќе се одржи во автентичен простор кој го носи духот на уметникот, Камерната галерија „Аче“, што дополнително ќе придонесе за доживувањето на неговото творештво.


Сподели на социјалните мрежи