СО „БУДЕЊЕ“ НА РИСИМА РИСИМКИН СВЕЧЕНО СЕ СПУШТА ЗАВЕСАТА НА „ТАНЦ ФЕСТ“ ВО БИТОЛА

Сподели на социјалните мрежи

Битола на 5 мај ќе биде домаќин на завршницата на 22. издание на фестивалот Танц фест, кој ќе биде заокружен со танцовата претстава „Будење“, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин. Настанот ќе се одржи во Народен театар Битола, со почеток во 20:00 часот.
На сцената ќе настапат 30 танчери, кои преку енергична и колективна изведба ќе понудат силно сценско доживување. „Будење“ ги истражува меѓучовечките односи, стереотипите и тензијата меѓу индивидуалниот и колективниот идентитет, отворајќи простор за преиспитување на општествените норми. Телото станува клучен изразен медиум преку кој се артикулираат емоции, конфликти и трансформации.
Претставата се развива како процес – патување низ личните и заедничките слоеви на идентитетот, каде секој изведувач носи сопствена приказна што се влева во заедничко сценско искуство. Со тоа, „Будење“ се наметнува како емотивен и визуелен финален акорд на фестивалот.
Како завршен настан на годинешното издание, оваа изведба воедно означува и нов исчекор на фестивалот – негово отворање кон нови простори и публики надвор од Скопје.
Музиката за претставата ја потпишува Тони Китановски, костимите се дело на Благој Мицевски, а сценскиот дизајн го изработи Матеа Мијановиќ. Во уметничкиот тим се и асистент-репетиторот Сара Димовска, како и бројна изведувачка екипа составена од млади и афирмирани танчери.
Во рамки на свеченото затворање ќе биде доделена и Специјалната награда „Менада“ за поддршка на современиот танц, која годинава му припадна на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Публиката ќе може бесплатно да присуствува на настанот, а билетите се подигнуваат од билетарницата на театарот: во понеделник од 10:00 до 15:00 и од 18:00 до 20:00 часот, како и во вторник од 8:00 до 15:00 и од 18:00 до 20:00 часот.
Фестивалот „Танц фест 2026“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Општина Битола, како и партнерите и покровителите на фестивалот.


Сподели на социјалните мрежи