ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР ЈА ПОДГОТВУВА КОМЕДИЈАТА „ДЕВОЈКИТЕ НА МАРКО“

Сподели на социјалните мрежи

Во Театарот „Војдан Чернодрински“ во полн ек се пробите за новата претстава „Девојките на Марко“, работена според „Боинг Боинг“ од Марк Камолети, во режија на Синиша Ефтимов, во која ќе игра поголемиот дел од ансамблот на театарот. Премиерата е најавена за крајот на мај, а ова ќе биде втора премиера на театарот од годишната програма за 2026 година.
„Девојките на Марко“ е текст напишан пред 60 години, кој и денес успешно „живее“ на сцените ширум светот. Она што е особено интересно е што текстот влезе во Гинисовата книга на рекорди како најмногу поставуван француски драмски текст.
Според режисерот Ефтимов, во прилепската верзија на „Девојките на Марко“ има асимилација на ликовите и топонимите, а дејствието е сместено во современ и модерен контекст.
– Прилеп од иднината или, подобро кажано, Прилеп од паралелен универзум. Заплетот е проектиран околу животот на еден успешен млад човек – Марко и неговите проблеми со трите девојки со кои се забавува, во прецизно испланирано време, со цел тие никогаш да не се сретнат. Сите три се стјуардеси со свои планови за летање, кои не се поклопуваат, сè до кобниот ден кога тоа ќе се случи… Претставата ќе биде за ведрата страна на животот, за пријателствата и нивното значење во моментите кога се одредува патот во остатокот од животот. Претстава која ќе донесе свежина во репертоарот на прилепскиот театар – вели во експликацијата за претставата режисерот Ефтимов.


Сподели на социјалните мрежи