ФИЛИП ДИМКОСКИ ПОВТОРНО ДЕЛ ОД „ЧИТАЛИЌИ“ ВО СРБИЈА

Сподели на социјалните мрежи

Македонскиот поет и писател за деца Филип Димкоски викендов ќе биде дел од Државната смотра на читањето со меѓународно учество „Читалиќи“, која се одржува во Алексинац, Србија. Димкоски е единствениот автор од Македонија кој годинава ќе настапи на оваа значајна книжевна манифестација посветена на детската литература и љубовта кон читањето.
На програмата се предвидени средби со деца, книжевни разговори и работилници, а покрај Димкоски ќе учествуваат и познати автори од Србија и регионот, меѓу кои Јасминка Петровиќ, Дејан Алексиќ, Виолета Јовиќ, Власта Н. Цениќ, Гордана Тимотијевиќ и Шимо Ешиќ.
За прилепската и македонската јавност, Димкоски е добро познат како автор кој континуирано работи на афирмација на книжевноста за деца, но и на културното поврзување меѓу Македонија и Србија. Во изминатите години неговото творештво беше претставувано и на книжевни настани, саеми и работилници низ повеќе српски градови, а дел од неговите книги се објавени и на српски јазик.
Особено внимание привлече книгата за деца „Заедно да растеме“, која ја доби плакетата „Сима Цуциќ“ од Банатскиот културен центар во Ново Милошево. Неговите песни и текстови се застапени и во повеќе зборници и антологии во Србија, а зад себе има бројни гостувања во Белград, Нови Сад, Ниш, Суботица, Врбас, Дољевац и други градови.
„Читалиќи“ не е непозната манифестација за Димкоски, кој таму настапува по вторпат. Тој вели дека токму ваквите настани ја одржуваат и ја шират љубовта кон книгата и читањето кај најмладите.
– Оваа смотра опстојува токму заради децата и заради желбата да се негува, но и да се шири љубовта кон читањето. Во годината кога се навршуваат десет години од мојата интензивна книжевна соработка со Србија, чест ми е што повторно настапувам на оваа манифестација и се радувам на средбите со децата и колегите – истакна Димкоски.
Во рамки на манифестацијата ќе се реализираат и тестирања за ученици, креативни штандови и едукативни работилници со писатели и актери. Предвиден е и симпозиум на тема „Од читање до алгоритми – меѓу дигиталното огледало и културниот корен“, на кој како предавачи од Македонија ќе учествуваат Гордана Ѓорѓиевска-Неделковски, Љупка Стојменова и Коце Стојменов.


Сподели на социјалните мрежи