ОД ПОЕЗИЈА ДО МУЗИКА: ПРИЛЕПЧАНКАТА ЈАСМИНА КОЛЕСКА КУЗМАНОСКА ПОТПИШУВА ТЕКСТОВИ И ЗА МУЗИЧКИ НУМЕРИ

Сподели на социјалните мрежи

Прилепчанката Јасмина Колеска Кузманоска, која на читателите им е позната по своето литературно творештво и книгите што ги има објавено, се јавува и како автор на текстови за музички нумери, покажувајќи дека нејзините стихови можат да живеат и надвор од страниците на книгите.
Јасмина пишува уште од мали нозе, но како што самата знае да каже, на повозрасни години нејзиното творештво „избувнало како вулкан“. Во 2022 година ја издаде својата прва збирка „Гласот на љубовта“, а потоа следуваше и збирката „Генерации“. Автор е и на монографијата „Кореница“, дело кое привлече внимание кај љубителите на пишаниот збор и културното наследство.
Нејзини лични творби во повеќе наврати беа објавувани и на нашиот портал, а Јасмина активно учествува на македонски и интернационални литературни настани, каде има освоено и повеќе награди за поезија и проза.
Дел од нејзините стихови денес се преточени и во музика. Како текстописец се јавува на повеќе песни, а една од нив е „Фала мајко што ме роди, лична мома прилепчанка“, испеана од Група Мистерија.
Станува збор за млад бенд од Торонто, Канада, составен од шестмина музичари со македонско потекло и професионално музичко искуство. Иако создаваат рок и поп музика претежно на англиски јазик, љубовта кон Македонија ја преточуваат и во песни со македонски мотиви и емоција.
Токму преку ваквите соработки, творештвото на Јасмина Колеска Кузманоска добива уште една димензија – од книжевноста, преку поезијата, до музиката, каде нејзините стихови продолжуваат да допираат до публиката.
На крај, достапен е и линк до музичката нумера снимена по текст на Јасмина, кој може да се слушне онлајн.

линк


Сподели на социјалните мрежи