Во кино салата „Мис Стон“ во Прилеп синоќа се одржа настан посветен на ликот и делото на големиот македонски актер Дарко Дамески, по повод 55 години од добивањето на престижната награда „Златна арена“ на Филмскиот фестивал во Пула.
Настанот собра бројна публика – љубители на филмот, културата и почитувачи на неговото творештво, кои му оддадоа почит на едно од најзначајните имиња на македонската кинематографија.
Претседателот на Ротари клуб Прилеп, Орде Ѓорѓиоски, истакна дека ваквите иницијативи имаат посебна вредност бидејќи ја чуваат културната меморија и ги враќаат на достоинствен начин големите уметници.


„Една од најважните улоги на ротаријанците е да подадат рака на она што вреди да излезе на површина и да се слави. На сите нас Дарко Дамески ни е потребен – да го славиме како наш, да го преслушуваме и прегледуваме со восхит и да се нахраниме духовно,“ истакна Ѓорѓиоски.
Тој додаде дека Ротари клубот со задоволство ја поддржал иницијативата за одбележување на јубилејот и враќање на вниманието кон големите уметници од ова поднебје.
Во емотивно обраќање, Симеон – Мони Дамески нагласи дека за неговото семејство ова враќање во Прилеп има посебна тежина. Тој истакна дека градот и понатаму покажува дека не ги заборава своите уметници и нивниот придонес во македонската култура.


„Прилеп вечерва потсетува дека има големи уметници и дека тие не се заборавени. Ова е силна порака дека нивното дело живее и дека мора да се негува сеќавањето на генерациите што ја граделе нашата култура,“ истакна Мони Дамески.
Во рамки на програмата беше отворена изложба на фотографии, беше прикажан омаж посветен на актерот, а вечерта кулминираше со проекцијата на култниот филм „Црно семе“ во режија на Кирил Ценевски, во кој Дарко Дамески ја толкува една од своите најзначајни улоги. Посетителите имаа можност да ја видат и оригиналната „Златна арена“.
По завршувањето на програмата, семејството Дамески заедно со присутните ја посети Патеката на славните пред Центарот за култура „Марко Цепенков“, каде што се наоѓа спомен-плочата на актерот. Со тоа симболично беше заокружена вечерта исполнета со почит, сеќавања и благодарност кон едно големо име на македонската кинематографија.

















