Уште еден млад прилепски талент постигна значаен успех на литературната сцена.
Седмоодделенецот Давид Долгоски, ученик во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, освои второ место во категоријата „Млади поети“ на XI Меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер 2026“.
Манифестацијата, организирана од Здружението за литература и култура „Охридски поетски бисер“ од Охрид, со поддршка од Општина Охрид, се одржа на 27 јуни 2026 година во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта, Струга.
Давид настапи под менторство на наставникот по македонски јазик Благојче Ристески, а неговата песна „Љубов на македонски“ беше високо оценета од стручната комисија во конкуренција на бројни млади автори од Македонија и странство.
Иако има само 12 години, Давид веќе неколку години активно се занимава со литературно творештво. Со свои песни учествувал на бројни училишни, државни и меѓународни литературни конкурси, на кои освоил повеќе први, втори и трети награди, потврдувајќи го својот талент и љубовта кон пишаниот збор.
Во моментов Давид е единствениот млад претставник од Прилеп кој учествува и на престижниот меѓународен поетски натпревар „Mili Dueli 2026“ во Босна и Херцеговина. На натпреварот учествуваат 802 поети од 114 држави, а Давид успешно се пласираше во вториот круг, влегувајќи меѓу 250-те најдобри поети. Тој се натпреварува во категоријата „Јуниори“ и е најмладиот претставник од Македонија.


Следува третата фаза од натпреварувањето, во која победниците ќе се одредуваат и преку електронско гласање, па Давид повторно ќе има можност достојно да ја претставува Македонија на оваа меѓународна поетска сцена.
Во продолжение ја пренесуваме наградената песна „Љубов на македонски“, со која Давид Долгоски го освои второто место во категоријата „Млади поети“ на XI Меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер 2026“.
„ЉУБОВ НА МАКЕДОНСКИ“
Љубов е кога Галичица
два бисери сјајни прегрнува,
и кога езерската шир
на небото бакнеж му подарува.
Љубов е и кога Шара
витка, мома убава,
безброј бели стада
на залени падини нагостува.
Љубов е кога славејот
со цвркот срце ми заигрува,
и со тажна песна за херојот
душа ми растреперува.
Љубов е кога месечината
во Вардар ќе се огледа,
и со ѕвездена светлина
ноќта со сребро ја облева.
Љубов е кога босоног
низ опојни ливади шетам,
и изгубен во времето,
цветни венци за тебе плетам.
Те љубам татковино
на секој јазик светски,
но, со целото мое битие,
те љубам на македонски.
Редакцијата на Клуб Деница му го честита овој значаен успех на Давид Долгоски и му посакува уште многу инспирација, награди и успеси, со кои ќе продолжи достојно да ги претставува Прилеп и Македонија.
















