ОД СТУДЕНТСКА КЛУПА ДО ДЕМОНСТРАТОР: ИНСПИРАТИВНА ПРИКАЗНА НА ПРИЛЕПЧАНКАТА КАТЕРИНА СТОЈКОСКА

Сподели на социјалните мрежи

Кога Катерина Стојкоска првпат зачекори на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, не знаеше дека токму тука ќе го пронајде и својот професионален правец и својата самодоверба. Денес, таа е студент на втор циклус студии на Техничкиот факултет – Битола, на отсекот за графичко инженерство и дизајн, работи како демонстратор, помагајќи им на новите генерации студенти да го направат својот прв чекор.
Но, нејзината приказна не започнува со награди. Започнува со посветеност, вложен труд, иницијативност, упорност.
Уште во текот на студиите, Катерина се приклучува во PR тимот на Универзитетот. Тоа искуство ѝ отвора нов свет – свет на креативност, визуелна комуникација и работа на реални проекти. Наскоро станува дел и од Алијансата КОЛОРС, каде преку меѓународна соработка и практични активности стекнува нови знаења, контакти и самодоверба. Еден од пресвртните моменти во нејзиниот студентски пат е редизајнот на „Универзитетски глас“. Со современ пристап и свежа естетика, таа му дава нов лик на гласилото, покажувајќи дека младите идеи можат да донесат вистинска промена. Особено е горда на своето учество во создавањето на „Студентскиот магазин УКЛО КОЛОРС“ – медиум што ја доловува студентската енергија и креативност, создаден од студенти за студенти.
– „Мојата приказна започна со вклучувањето во PR тимот, а потоа и со членството во Алијансата КОЛОРС. Еден од најзначајните моменти за мене беше редизајнот на „Универзитетскиот глас“, на кој му дадов посовремен изглед. Особено сум горда на учеството во создавањето на „Студентскиот магазин УКЛО КОЛОРС https://uklo.edu.mk/blog/studentski-magazin-uklo-colours-br1/ https://uklo.edu.mk/blog/studentski-magazin-uklo-colours-br2/ кој ја отсликува студентската енергија и креативност и е создаден токму за студентите“.
Континуитетот и посветеноста носат резултати. Катерина станува најдобро дипломиран студент на Техничкиот факултет – Битола, добитник е на признанието „Талент на УКЛО“, а меѓу најзначајните признанија што ги добива е и Инженерски прстен – симбол на успех и професионална извонредност кај младите инженери. Еве што впрочем вели самата:

– „Мојата посветеност беше забележана, па така бев добитник на наградата за најдобро дипломиран студент на Техничкиот факултет – Битола, како и на признанието „Талент на УКЛО“. Овие награди се потврда дека трудот и вложената енергија не остануваат незабележани и дека секое вложено време носи резултати. Исто така, бев добитник и на признанието „Инженерски прстен“, кое уште повеќе ме мотивираше да продолжам да се усовршувам, да не застанувам тука и целосно да ги искористам можностите што ми се нудат. Во моментот сум студент на втор циклус студии на Техничкиот факултет – Битола, на отсекот за графичко инженерство и дизајн, а воедно и демонстратор“.
Сепак, за неа најголемата награда не се признанијата, туку можноста да продолжи да учи и да придонесува. Денес, како демонстратор, таа не е само студент што напредува – туку е ментор за помлади колеги и може да инспирира. Нејзиниот пример е повеќе од впечатлив, бидејќи е инспиративна приказна што потврдува дека континуитетот и трудот се клучни за успех. Универзитетот овозможува средина каде посветеноста се препознава и еден млад човек може да се насочи на вистинската патека на животот.
Приказната на Катерина е доказ дека универзитетот не е и не треба да биде само место за диплома, туку простор каде што младите можат да експериментираат, да создаваат, да растат, да се развиваат. А понекогаш, доволно е само да се пријавите, да се вклучите во активности и да верувате во себе – другото доаѓа со трудот, пример е нашата млада прилепчанка, Катерина Стојкоска.


Сподели на социјалните мрежи