Илустрацијата како свет на фантазијата, слободното творештво и детската имагинација ќе биде во фокусот на самостојната изложба „Линии“ на академската уметница Иванка Ниневска Батева, која на 24 декември ќе биде отворена во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.
Изложбата ја организира Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ – Прилеп, во соработка со Градската библиотека, а ќе бидат претставени илустрации за деца по кои уметницата е препознатлива пред публиката.
Творештвото на Иванка Ниневска Батева се одликува со слободен и спонтан ликовен израз, игра со формите и боите и пристап во кој фантазијата и детската непосредност имаат значајно место. Нејзините илустрации не се само визуелна придружба на приказните, туку и самостојни ликовни остварувања, во кои преку цртежот се отвораат нови можности за толкување и доживување на напишаното.
Како што истакнува визуелната уметница, илустраторка и едукаторка Александра Хаџи Наумова Атанасовска, во илустрациите на авторката се препознаваат слободата, фантазијата, експериментирањето и искреноста на детскиот израз, но и внимателно изградена визуелна композиција.
Посебноста на илустрацијата е и во нејзиниот однос со книжевниот текст. Таа не треба само да го повтори напишаното, туку да ја надополни приказната, да ѝ даде визуелен идентитет и да поттикне нови асоцијации и доживувања кај читателот.
Отворањето на изложбата е закажано за 24 декември 2026 година, со почеток во 13:00 часот, во просториите на Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп. Модератор на настанот ќе биде Лина Димоска, а децата ќе имаат можност да ги разгледаат илустрациите и непосредно да разговараат со уметницата.
















