Општина Прилеп продолжува со активностите за заштита на природата и унапредување на животната средина, преку реализација на проектот за пошумување на споменикот на природата Маркови Кули.
Проектот „Пошумување на споменикот на природата Маркови Кули“, кој се реализира со поддршка на Бирото за регионален развој, има за цел да придонесе кон поголема стабилност на еколошките процеси, како и зачувување на биолошката и пределската разновидност на овој значаен локалитет.
Во рамките на проектот, набавена е специјализирана опрема за садење дрвја, која ќе биде ставена на располагање на ЈКП Комуналец Прилеп. Дополнително, обезбедени се 6000 дабови садници, кои ќе бидат засадени во рамки на организирана акција за пошумување.
Акцијата ќе се одржи во сабота, на 21 март, со што симболично ќе се одбележат Денот на пролетта и Денот на екологијата. Поаѓањето е закажано во 09:00 часот од пред Општина Прилеп, а за сите заинтересирани граѓани ќе биде обезбеден превоз.
Од локалната самоуправа упатуваат повик до сите граѓани и љубители на природата да се приклучат кон оваа иницијатива и заеднички да придонесат за создавање позелена и поздрава животна средина.















