На 27 март 2026 година, на големата сцена во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одигра детската театарска претстава „Чудесниот напиток“ во продукција на Театар „Златен Елец“.
Претставата ќе започне во 11:30 часот, а цената на билетот изнесува 150 денари. Билетите се достапни на билетарницата, а резервации може да се направат на телефонскиот број 076 442 378.
Станува збор за интерактивна и едукативна приказна наменета за деца на возраст од 3 до 11 години, која низ игра, магија и хумор пренесува важни пораки за љубовта, другарството и вербата.
Во центарот на дејството е младиот волшебник Хари Потер, кој заедно со своите пријатели го открива мистериозниот „чудесен напиток“ оставен од волшебникот Гринимор. За да го искористат напитокот, тие мора да решат низа загатки скриени во магична книга. Но, нивната авантура се комплицира кога се појавува злобната волшебничка Валдена, која им ја одзема книгата, а со отворањето на напитокот се заканува да се врати и духот на мрачниот Волдеморд.
Во претставата настапуваат Бобан Алексоски во улогата на Хари, Надица Петрова како Хермиона и Валдена, Бранко Михајлоски во улогите на Визли и Гринимор, додека гласовите на Волдеморд и професорката Меконакен ги позајмуваат Тодор Стојковски и Ванеса Тримчевска.
„Чудесниот напиток“ ветува возбудливо театарско доживување исполнето со магија, смеа и интеракција, кое ќе ги воодушеви најмладите посетители и ќе ги потсети на вистинските вредности.

















