Во понеделник, на 6 април 2025 година, со почеток во 19 часот, во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп ќе се одржи концерт на женскиот камерен хор „Керамија“.
По повод најголемиот христијански празник Велигден, хорот ќе изведе програма составена од тропари во византиски напев, литургиски песни од источната и западната христијанска традиција, како и духовна и световна хорска музика.
На програмата се дела од Стефан Мокрањац, Дмитриј Бортњански, Nectarios of Aegina, Ola Gjeilo и други значајни композитори.
Женскиот камерен хор „Керамија“ е формиран на 11 јануари 2023 година во Прилеп, по иницијатива и под диригентство на Катерина Попоска. Хорот е составен од професионални музичари и аматери – ентузијасти и љубители на хорската уметност.
Во изминатиот период, хорот постепено, но сигурно се афирмира како значаен чинител на хорската сцена, придонесувајќи за развој на современа хорска практика во градот под Марковите Кули. „Керамија“ има реализирано повеќе проекти, вклучително и гостувања и соработки со хорови од други градови во Македонија, како и успешни настапи на натпревари и ревијални концерти низ земјата.
Моментално, хорот брои девет членки: Ане Гембеш Чесноска, Оливера Цветаноска, Катерина Талеска, Ангела Иваноска, Билјана Црвенкоска, Катерина Ангелеска-Димеска, Фросина Вандевска, Ивана Љоческа и Катерина Попоска, која е хористка, уметнички директор и диригент.















