Љубителите на поезијата во Прилеп на 21 април ќе имаат можност да присуствуваат на книжевна вечер посветена на творештвото на поетот Тони Павлески. Настанот, во организација на „Клубот на литературни творци“ – Прилеп, ќе се одржи во вторник со почеток во 17:30 часот во просториите на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“.
Вечерта насловена „Портрет на поет“ ќе понуди блиска средба со поетскиот свет на Павлески преку читања, разговори и уметничка интерпретација на неговите дела, овозможувајќи ѝ на публиката подлабоко да навлезе во неговиот творечки израз.
Како промотори ќе настапат Дана Тембелеска и Цеца Видова Трајческа, а настанот ќе го модерира Весна Шереметкоска. Поезија ќе читаат Тамара Петреска и Марија Мантова, додека вечерта свечено ќе ја отвори Андриана Ристеска.
Дополнителна атмосфера ќе создаде настапот на градскиот хор „Пере Тошев“, кој со музички изведби ќе ја збогати програмата.
Организаторите ги покануваат сите љубители на пишаниот збор да бидат дел од ова поетско доживување.














