По повод 23 април – Светскиот ден на книгата и авторското право, прилепската културна јавност се навраќа кон творештвото на еден од најпрепознатливите прилепски поетски гласови – Тони Павлески. Книжевната вечер „Портрет на поет“, во организација на Клубот на литературни творци – Прилеп, понуди продлабочен увид во неговото богато и повеќеслојно творештво.
Како што истакна модераторката на настанот и претседателка на Клубот, Весна Шереметкоска, Павлески речиси четири децении активно твори и е значаен дел од македонската книжевна сцена. Таа нагласи дека неговото дело е препознаено и надвор од земјата, што го потврдуваат бројните преводи и учества во меѓународни антологии, особено во областа на хаику поезијата.
Павлески започнува да пишува уште на 16-годишна возраст, како член на клубот на писатели „Никола Јонков Вапцаров“, а денес зад себе има богато творечко портфолио. Неговите дела се објавувани во повеќе македонски гласила, а неговото хаику творештво е наградувано на меѓународно ниво. Добитник е на повеќе признанија, меѓу кои и наградата „3 Ноември“ на град Прилеп, како и „Зборот на Конески“.
Осврнувајќи се на неговата поетика, промоторката Цеца Видова Трајческа ја потенцираше симболичност и длабоката внатрешна рефлексија во неговите дела, истакнувајќи дека Павлески создава поезија во која „зборот ја надминува својата буквалност и станува носител на длабоки човечки вистини“. Според неа, неговиот лирски израз е препознатлив по искреноста и способноста тишината да се претвори во моќен поетски простор.
Во неговите стихозбирки „Воскресозборие“, „Икона“, „Говорот на љубовта“, „Пред налетот на зборот“ и „Во двобој со тишината“, како и во хаику збирките „Во Деницата“ и „Полноќно сонце“, доминираат теми како љубовта, минливоста и постоењето. Неговата поезија се одликува со симболика и суптилна емотивност, каде природните елементи стануваат одраз на внатрешните состојби.
За хаику поезијата, промоторката Дана Тембелеска истакна дека токму во оваа форма доаѓа до израз специфичниот поетски сензибилитет на Павлески. Таа нагласи дека преку кратката форма од 17 слогови, поетот успева „од навидум мали нешта да создаде силни поетски слики што долго одекнуваат кај читателот“, доловувајќи ја суштината на моментот и убавината на секојдневието.
Покрај поезијата, Павлески успешно се изразува и во прозата, задржувајќи ја истата лиричност и внатрешна длабочина. Неговото творештво претставува спој на тивка мисловност и силна емоционалност, што го прави препознатлив и автентичен во литературата. Со својата посветеност и континуирана творечка енергија, Тони Павлески се потврдува како автор кој остава траен белег, потсетувајќи дека вистинската сила на поезијата лежи. во нејзината способност да ја претвори тишината во збор – и зборот во длабоко човечко
















