„ВИНСКИ ФЕСТИВАЛ БИТОЛА“ СТАРТУВА – НОВ НАСТАН СО АМБИЦИЈА ЗА ТРАДИЦИЈА

Сподели на социјалните мрежи

Битола добива нова мајска фестивалска приказна, во која виното, музиката и дружењето ќе се спојат на едно од најпрепознатливите градски локации – платото пред Офицерски дом. Од 7 до 9 мај ќе се одржи првото издание на „Вински фестивал Битола“, настан кој има амбиција да стане дел од препознатливата културно-забавна понуда на градот.
Фестивалот беше најавен на прес-конференција одржана вчера, на која говореа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, директорот на ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом, Димитар Михајловски, претставникот на организацијата на Вински фестивал Битола Пане Темов, како и претставник на бендот Паркети.
„Очекувам прекрасни фестивалски денови и се надевам дека времето ќе нè послужи. Со ова, Битола уште еднаш се етаблира на туристичката мапа како град на културата и отворен град за посетители“, истакна градоначалникот Коњановски.
Директорот Михајловски посочи дека Офицерски дом има посебна симболика за градот и дека токму таму треба да се развиваат нови културни содржини: „Винскиот фестивал носи културна, музичка и градска енергија што ја зближува публиката.“
Според организаторот Темов, целта е фестивалот да прерасне во традиција: „Сакаме да ја презентираме винската култура во Македонија. Во светот сме препознаени како винска земја, а ваквите настани се додадена вредност за културата и туризмот во Битола.“
Фестивалската програма ќе понуди разновидна музика за различни генерации. На сцената ќе настапат домашни изведувачи, меѓу кои резидент диџеј, B52, „Пауза за ракија“, DJ Александар Јорданов, „Lockdown“, „Оркестар ДИВА“, ДЈ Гоце Саф, „Zdrave Music“, Љубојна и Паркети, кои ќе ја затворат фестивалската програма со финален настап.
Покрај најавата за новиот фестивал, од ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом информираа дека кон крајот на мај ќе организираат саем на средни училишта и музички хепенинг за полуматурантите.
Градоначалникот Коњановски најави и дека годинава Културен и информативен центар Битола за првпат ќе биде организатор на Битолско културно лето „Битфест“, кој ќе се одржи по 18-ти пат.
Со „Вински фестивал Битола“, градот добива нов настан кој има потенцијал да прерасне во традиција и да привлече бројни посетители – љубители на виното, музиката и добрата фестивалска атмосфера.


Сподели на социјалните мрежи