ПОЛНА САЛА И СИЛНИ ЕМОЦИИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА „КОРЕНИЦА“ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Вчера, во преполната сала на Градска библиотека „Борка Талески“, се одржа промоцијата на книгата „Кореница“ од Јасмина Колеска Кузманоска – дело кое разбуди силни емоции кај присутните и уште еднаш потврди дека приказните за корените секогаш наоѓаат пат до читателите.
Настанот собра бројни љубители на пишаниот збор, но и кореничани, пријатели и почитувачи на традицијата, кои со внимание ја проследија промоцијата на книгата што ја раскажува приказната за едно село – низ спомени, легенди и живи сведоштва.
Промоторот Емил Димоски ја доближи суштината на делото, задржувајќи се на богатото народно предание што книгата го содржи. Меѓу највпечатливите беа легендите за „Орлов даб“, „Дивата круша“, „Изворот на животот“, како и мистичниот „Камен што зборува“, преку кои се огледува духовниот свет на луѓето од овој крај и нивната длабока врска со природата и минатото.
Посебна тежина на промоцијата ѝ дадоа рецензиите, во кои книгата беше оценета како значајно културно сведоштво.


Рецензентката Тамара Петреска истакнува дека:
„Кореница е еден еликсир, збир на многу спомени, среќа, обичаи, случки…“ додавајќи дека делото претставува „мемоарска, монографска книга“ што дава јасна слика за животот и традицијата во селото.
Особено впечатлива беше рецензијата на Орхидеја Цветковска Таневска, која ја нагласи повеќеслојноста на делото:
„Книгата ‘Кореница’ е значајно и повеќеслојно дело кое ја спојува уметничката изразност со документарната прецизност.“ Таа дополнително потенцира дека: „Селото во оваа книга не е само географска локација, туку живо, дишење сеќавање – со својот мирис, патишта и природни убавини“, и дека токму личната нишка му дава посебна вредност: „Авторката пишува од срце… претворајќи ја книгата во споменар исполнет со љубов, почит и носталгија.“
Во своето обраќање, авторката Јасмина Колеска Кузманоска истакна дека изборот на датумот не е случаен, посочувајќи ја симболиката на 4 Мај како ден на сеќавање на Гоце Делчев и борбата за слобода.

„Ова дело не е само мој успех – ова е успех на сите вас, кореничани“, рече авторката, нагласувајќи дека книгата е резултат на тригодишно истражување и искрена љубов кон родното место.
Промоцијата беше збогатена и со песна посветена на Кореница, дело на Спасе Колески и неговиот син Александар, што внесе дополнителна емоција и чувство на заедништво меѓу присутните.
Книгата „Кореница“ се продава по цена од 300 денари, а средствата се наменети за донација за црквата „Св. Никола“ во селото.
Со оваа промоција, Прилеп уште еднаш покажа дека културата и пишаниот збор имаат своја верна публика, а „Кореница“ се наметнува како вредно сведоштво за идентитетот, традицијата и корените што не избледуваат.


Сподели на социјалните мрежи