„ГАЈДИТЕ ПОВТОРНО ЌЕ ОДЕКНАТ“ – М-Р ГОРАН ВАСИЛЕСКИ ЗА 52. ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ“

Сподели на социјалните мрежи

Со звуците на гајдата, кавалот и тапанот, и годинава ќе оживее вековната македонска традиција. На 22 и 23 мај, во Прилеп и Долнени ќе се одржи 52. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ – настан кој повеќе од пет децении претставува чувар на изворниот мелос и културниот идентитет.
За новините, програмата и значењето на фестивалот денес, разговараме со м-р Горан Василески, од Институтот за старословенска култура од Прилеп, кој е претседател на советот на фестивалот.

Годинава се одржува 52. издание на фестивалот. Што го прави ова издание посебно?

Она што е најзначајно за годинашниот фестивал е токму бројот 52, односно 52-ро издание по ред, во континуитет. Број на фестивалски изданија со кој може да се пофали нашиот фестивал и само уште два фестивали во Македонија Тоа е навистина голема бројка, која за многу македонски фолклорни фестивали е недостижна.

Колку учесници ќе настапат годинава и од кои делови на Македонија доаѓаат?

Како и секоја година, така и оваа година се имаат пријавено голем број на учесници ширум цела држава. Застапени се групи и поединци буквално од сите краеви на Македонија, дури и не само Македонци, туку и Албанци, Турци, Власи и др. Секој кој ќе дојде на овој фестивал, може да ја погледне шареноликоста на традиционалните инструменти и песни од целата држава. Бројката секогаш се движи од 200 до 300 учесници, групи или поединци. Оваа година бројката ќе биде околу 250 учесници распоредени во двата фестивалски дена, и во Прилеп и во Долнени, што е навистина голема бројка, мора да признаеме.

Што конкретно предвидува програмата – што ќе се случува во Прилеп, а што на Рудина во Долнени?

Програмскиот дел на фестивалот го припремаат проф. д-р Родна Величковска и доц. д-р Стојанче Костов, кои се во постојан контакт со учесниците околу нивниот репертоарски дел. Во Прилеп на камената бина на плоштадот „Александрија“ на 22 Мај е отварањето на фестивалот со натпреварувачкиот дел кој ќе трае околу 2 часа, а во Долнени во амфитеатарот на „Рудина“ на 23 Мај е втората фестивалска вечер, која ќе трае исто така околу 2 часа и каде ќе биде официјалното затворање на 52. Фестивал и прогласување на наградените учесници. Застапени ќе бидат сите традиционални инструменти, првенствено гајдата, тапанот, кавалот, тамбурата, па зурлата, кемането, дудукот и др.

Дали и оваа година ќе има едукативен сегмент – работилници, семинари или предавања?

Едукативниот дел на фестивалот е во корелација со натпреварувачкиот дел уште од самиот почеток. Мора секоја година да биде доминантен тој сегмент бидејќи суштината, а и иднината на фестивалот е токму во едукацијата на младите. Оваа година ќе се одржи во спомен куќата на фестивалот „Пеце Атанасовски“ во Долнени, каде ќе учествуваат 15-тина ученици од основното училиште „Пецо Даскалот“. Ќе има едукативни предавања, за народните инструменти, народните песни, народната носија, обичаите и слично. Сѐ со цел да им ја доближиме на децата традиционалната култура, да им втемелиме љубов кон она што се вика традиција, но и дел од нив да почнат да изучуваат традиционални инструменти или да пеат традиционални песни.

Колку младите се заинтересирани за изворната музика и дали се зголемува нивното учество?

Од година во година расте бројот на млади учесници на фестивалот. Благодарение на основните и средните училишта за изучување на традиционални инструменти, потоа и на факултетите за традиционална музика, сѐ повеќе деца и млади изучуваат да музицираат на традиционални инструменти и да изведуваат традиционални песни. Но секако, отварањето на тие основни и средни училишта и факултетите за традиционални инструменти и песни е сепак благодарение на нашиот фестивал, кој претставувал темел, основа, како и поттик и расадник на инструменталисти и пејачи на традиционална музика.

Во изминатите години зборувавте за враќање кон корените и поврзаноста со Спасовден – колку е тоа важно денес?

Уште од самиот почеток, фестивалот е поврзан со долненскиот Спасовден, односно неделата по празникот Спасовден. 10-тина години тој термин беше поместен во првиот викенд во месец Јули. Тоа беше од практични причини, бидејќи често Спасовден е во текот на учебна година, како што е и оваа година, па учениците, кои свират традиционални инструменти, во тој период се спремаат за своите завршни оцени. Исто така, многу од интрументалистите членуваат во музички групи кои имаат настапи на свадби и веселби, а новиот термин во месец Јули секогаш беше во текот на петровденските пости кога не се прават токлу свадби, па инструменталистите се слободни. Но сепак, членовите на советот на фестивалот одлучивме да го вратиме фестивалот на корените, односно на долненскиот Спасовден и да продолжи тој контиуитет, покрај сите препреки, бидејќи оние кои што ги сакаат традиционалните инструменти и песни сепак доаѓаат на фестивалот, дали како учесници или како публика, и покрај сите приватните обврски.

Гајдата како нематеријално културно наследство доби и меѓународна заштита. Што значи тоа за фестивалот?

Фестивалот, како институција, беше дел од тимот за поднесување на апликацијата во УНЕСКО за заштита на музицирањето и изработката на гајда како нематеријално културно наследство. Тоа беше направено заедно со турската гајда „тулум“, бидејќи македонската и турската гајда сеуште се музицираат и изработуваат на традиционален начин, за разлика од гајдите во други држави каде се модернизира нивната изработка и се користат во нетрадиционални стилови. Со самото прогласување на македонската гајда како заштитено нематеријално културно добро, фестивалот се подигна на еден повисок пиадестал, бидејќи токму нашиот фестивал е расадник и најголем репрезент на гајдата. Најголем процент од нашите учесници се токму гајдаџии. Тука е и нашата главна награда „Гајдата на Пеце“, односно гајда која е изработена на традиционален начин и се доделува на најдобриот гајдаџија, а со тоа сме единствен фестивал кој гајдата ја доделува како главна награда.

Какви награди ќе бидат доделени годинава и колку тие значат за учесниците?

Како што напоменав претходно, на најдобриот гајдаџија се доделува „Гајдата на Пеце“, гајда изработена од прилепскиот мајстор за гајди Љубен Јуртоски, потоа Гран При плакета на најдобриот оркестар, односно група, како и десет статуетки кои се доделуваат на најзаслужни учесници кои оствариле најдобар квалитет, впечаток, музицирале на изворен начин или негуваат некоја ретка традиција. Гран При-то е со ликот на Пеце Атанасовски, додека статуетките со мотиви на гајда, а ги изработува нашиот уметник Емил Солески, од природни материјали. За значењето на наградите, говори и фактот што „Гајдата на Пеце“ на чија кожа е со изгравиран ликот на Пеце Атанасовски, често може да се види и на други манифестации и фестивали, што претставува гордост за наградениот учесник, но и за нашиот фестивал.

Фестивалот постои повеќе од половина век. Колку е предизвик да се одржи неговиот континуитет?

Како што напоменав на почетокот, ние сме едни од ретките фестивали кои можеме да се пофалиме со олкав број на постоење. И не само постоење, туку и континуитет. Ниту една година не престанал фестивалот да се одржува, ниту кога ја имавме пандемијата на Ковид-19. Таа година се одржуваше со мал број на учесници, со публика која беше на растојание и со заштитни маски, но сепак се одржа фестивалот кој никогаш не згаснал до сега. И токму тоа е најголемиот предизвик, да се одржи тој континуитет и никогаш да не згасне овој фестивал. Секоја година постојат разни финансиски и технички проблеми, но сепак континуитетот мора да се одржи, оноклу колку дозволуваат можностите или како што вели народната изрека „ќе ги пуштиш нозете колку што ти е долга чергата“.

Што за Вас лично значи да се биде претседател на фестивал со вакво значење?

Прво за мене фестивалот има емотивно значење, бидејќи јас водам потекло токму од Долнени, мојата баба, по таткова линија е од фамилијата Бентовци од Долнени. Во нашата фамилија секогаш се негувала гајдата. Како мал, дел од летниот распуст го поминував во Долнени и со нетрпение чекав да дојде селската слава Спасовден и да одекнат гајдите на фестивалот на Рудина. Посебен спектакуларен дел беа групата „Долненски гајдаџии“, во кои учествуваа и мои дедовци и прадедовци, кои после настапот на фестивалот, се собираа, најчесто, во црковниот двор на закуска, и таму се свиреа и пееа најубавите ора и песни од старите гајдаџии, а јас често бев покрај нив. Јас бев пресреќен кога фестивалскиот одбор, во 2010 година одлучи да ме вклучи во советот на фестивалот, бидејќи со фестивалот сум пораснат и е дел од мене. Подоцна како секретар, а од 2022 година како претседател, јас на себе носам обврска која е навистина значајна, како за локално, така и за национално ниво. Првенствено од факт што сум претседател на еден фестивал со значајни години на постоење, фестивал кој одржува една култура која е заштитен знак на Македонија, фестивал кој ги негува и зачувува традиционалните песни и инструменти и фестивал кој е расадник на традиционалната култура и е единствен фестивал во Македонија од ваков вид.

Каква е визијата за иднината на Фестивалот „Пеце Атанасовски“?

Визијата на фестивалот е, најпрво продолжување на континуитетот и традицијата, но и прибирање на нови млади инструменталисти и пејачи на традиционални песни преку едукација на семинарите и работилниците во склоп на фестивалот, потоа преку меѓусебната комуникација на инструменталистите кои учествуваат на фестивалот за начини и техники на свирење и пеење. Прераснување на научниот симпозиум „Фолклорот во минатото и денес“ на меѓународно ниво, а според тоа и зборникот на трудови да се здобие со меѓународен фактор. Враќање на познатото дефиле на учесниците низ прилепската чаршија, исто така возобнова на оркестарот „Долненски гајдаџии“ со гајдаџии од прилепско и т.н. Како совет на фестивалот имаме многу планови и идеи кои чекаат погоден период на реализација.


Сподели на социјалните мрежи