Во организација на Клуб на литературни творци – Прилеп, на 23 мај 2026 година, со почеток во 12 часот, во кино салата „Мис Стон“ при Центар за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи традиционалната поетска манифестација „Мајски поетски средби“.
Манифестацијата се реализира согласно програмата за работа на Клубот и традиционално се одржува кон крајот на месец мај, собирајќи поети, писатели, литературни творци и љубители на убавиот пишан збор од повеќе градови низ државата.
„Мајски поетски средби“ низ годините прераснаа во препознатлива културна манифестација од државен карактер, на која учествуваат претставници на литературни клубови, здруженија и индивидуални автори од целата земја. Целта е афирмација на македонското литературно творештво, поттикнување на културната соработка меѓу литературните клубови, како и создавање простор за презентација на нови автори и современи поетски вредности.
Во рамките на поетските средби традиционално се организираат поетски читања, средби со автори, како и доделување благодарници и признанија на учесниците и поддржувачите на манифестацијата.
„Посебна вредност на ‘Мајски поетски средби’ е нивната улога во зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик, литературата и културната традиција. Манифестацијата претставува мост на пријателство и духовно поврзување меѓу творците, а секоја нова средба е можност за нови литературни познанства, размена на идеи и збогатување на културниот живот во Прилеп и пошироко“, истакна Весна Шереметкоска, претседател на Клубот на литературни творци – Прилеп.
Таа додава дека „Мајски поетски средби“ продолжуваат да ја негуваат традицијата на поетското творештво и да ја потврдуваат важноста на литературата како трајна вредност во македонското општество.
















