Со одлична атмосфера, полна сала и громогласни аплаузи, синоќа во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ се одржа концертот на Битолскиот оркестар ДИВА, кој уште еднаш ја воодушеви прилепската публика со програмата „MTV hits – vol. 2“.
Публиката уживаше во безвременските поп и рок хитови, изведени со многу емоција, енергија и одлична сценска комуникација. Солистите Наде Талевска, Полина Тасева, Бојан Стојков, Александра Трајческа, Јасна Димитровска и Огнен Димовски понудија прекрасни интерпретации, а секоја изведба беше наградена со силен аплауз од присутните.
Концертот уште еднаш потврди дека оркестарот „ДИВА“ има посебна врска со прилепската публика. Ова е, според посетителите, четврти настап на оркестарот во Прилеп, а нивните концерти редовно се масовно посетени и проследени со одлична атмосфера.
Синоќешната музичка вечер донесе многу позитивна енергија, добро расположение и вистинско уживање за љубителите на поп и рок музиката, а публиката веќе со нетрпение го очекува следното гостување на „ДИВА“ во Прилеп.




















