НУ Завод и музеј – Прилеп вчера во Скопје ја доби наградата „18 Мај – Меѓународен ден на музеите за 2025 година“, признание што се доделува во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите.
Признанието го прими директорката Мимоза Христоска, а истото претставува потврда за посветеноста, континуираната работа и ангажманот на музејот и неговиот тим.
Ова признание претставува потврда за долгогодишната работа на прилепскиот музеј во зачувувањето, истражувањето и промоцијата на културното наследство. Во изминатиот период институцијата реализираше бројни изложби, археолошки истражувања, едукативни проекти и културни настани, со што се вбројува меѓу најактивните музеи во државата. Во изминатата година музејот ја одбележа и 70-годишнината од своето постоење, реализирајќи повеќе изложби, настани и проекти со кои уште еднаш ја потврди својата значајна улога во македонската култура.
Прилепскиот музеј, кој постои повеќе од седум децении, е препознатлив и по единствениот Музеј за тутун на Балканот, богатите археолошки и етнолошки поставки, како и спомен-куќите и меморијалните поставки што ги чува во својата дејност.
Годинашната тема на Меѓународниот ден на музеите е „Музеите што го обединуваат поделениот свет“, со акцент на улогата на музеите како места за дијалог, образование и зачувување на колективната меморија.
















