Прилеп изминатите два дена живееше во ритамот на музиката благодарение на концертите на отворено што ги организираше Општинското основно музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ под мотото „2 ДЕНА НА 3 ЛОКАЦИИ“.
На повеќе препознатливи градски локации настапија околу 300 ученици од сите класи и инструменти, кои преку своите изведби им приредија вистинско музичко уживање на прилепчани.
Концертите се одржаа кај Градскиот часовник, Камената бина, Паркот кај Судот и на Могилата на непобедените, а младите музичари уште еднаш го покажаа својот талент, креативност и љубов кон уметноста.
Публиката имаше можност да проследи богата и разновидна музичка програма, а настанот создаде прекрасна атмосфера и позитивна енергија низ градот. Со ваквите концерти, музиката беше доближена до граѓаните, претворајќи ги јавните простори во сцена за младите таленти од Прилеп.
Учениците од ООМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“ зад себе имаат бројни награди и успеси на државни и меѓународни натпревари, а овие концертни денови беа уште една можност нивниот труд, посветеност и музичка умешност да бидат претставени пред јавноста.
Со оваа музичка иницијатива, Прилеп уште еднаш потврди дека е град кој ги поддржува културата, уметноста и младите таленти.
























