Во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп се одржа прес-конференција по повод годинашното 52. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Фестивалот ќе се одржува на 22 мај (петок) во Прилеп и на 23 мај (сабота) на Рудина во Долнени.
Отворањето на фестивалот е закажано за 18 часот пред Камената бина на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп. Втората фестивалска вечер ќе се одржи в сабота од 18 часот на Рудина во Долнени.
Доколку временските услови бидат неповолни и има врнежи од дожд, отворањето, односно првата фестивалска вечер, ќе се одржи во киното „Мис Стон“ при Центарот за култура „Марко Цепенков“, додека програмата во Долнени ќе се реализира во салата на општинската зграда.
Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, со 52-годишна традиција, е еден од ретките фестивали што изворно ги негува традициите на македонскиот мелос, свирењето на гајда, кавал, тапан и кемане, како и изворната народна песна. Станува збор за културно наследство што со векови се пренесува низ генерации, а во последните години побудува сѐ поголем интерес кај младите, што е и една од главните заложби на фестивалот.
Се очекува учество на околу 250 изведувачи на изворен мелос од сите краишта на Македонија, меѓу кои Македонци, Албанци, Турци и припадници на други националности. Годинава ќе настапат и двајца учесници од странство – еден од Канада и еден од САД, Македонци кои живеат таму, но активно ја негуваат народната музика и традиционалните инструменти.
Во рамките на фестивалот, во спомен-куќата на Фестивалот во Долнени се одржа работилница за изучување на изворниот мелос, на која учествуваа ученици од основното училиште „Пецо Даскало“ од Долнени.
Најуспешните учесници на фестивалот, меѓу кои има изведувачи на возраст од 7 до 77 години, ќе добијат награди, а најдобриот гајдаџија ќе ја понесе наградата „Гајдата на Пеце“, што ја доделува Општина Долнени.


















