Со втората фестивалска вечер што се одржа во Долнени, синоќа заврши 52. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, манифестација која повеќе од пет децении ја негува и афирмира македонската изворна песна, фолклор и традиционални инструменти.
По отворањето во Прилеп, каде што настапија околу стотина учесници од различни делови на Македонија, фестивалската програма продолжи и заврши во Долнени, каде што се претставија и останатите учесници, а беа доделени и наградите за најуспешните изведувачи.
Поради нестабилните временски услови, годинашното издание на фестивалот се одржа во затворен простор. Првата фестивалска вечер наместо на плоштадот „Александрија“ се реализираше во кино салата „Мис Стон“ во Прилеп, додека завршната вечер, наместо на Рудина, се одржа во салата при поранешната општинска зграда во Долнени.
И покрај временските предизвици, фестивалот повторно донесе богата програма исполнета со изворни песни, народни инструменти, традиционални носии и настапи на околу 250 учесници од различни генерации. Особено внимание привлече присуството на млади изведувачи, кои покажаа дека љубовта кон македонскиот фолклор и народната музика продолжува да се пренесува и меѓу новите генерации.
Најдобрите учесници беа наградени од стручната комисија, а традиционално беше доделено и признанието „Гајдата на Пеце“ за најдобар гајдаџија, награда што ја обезбедува Општина Долнени.
Добитници на наградите на 52. Фестивал „Пеце Атанасовски“ се:
• Дејан Лазаров од фолклорниот ансамбл „Осоговски извор“ од кочанско Оризари го доби признанието „Гајдата на Пеце“.
• Гран при наградата годинава ја понесе фолклорниот ансамбл „Седенка“ од Скопје.
• Беа доделени ушете десет статуетки кои беа поделени меѓу групи и поединци.
Фестивалот и годинава уште еднаш ја потврди својата важна улога во зачувувањето и промоцијата на македонското нематеријално културно наследство.















