Со особена чест и задоволство, Клубот на литературни творци – Прилеп ја заокружи годинашната поетска манифестација „Мајски поетски средби 2026“, која и оваа година се одржа во кино салата „Мис Стон“ при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Настанот помина во духот на поезијата, другарувањето и љубовта кон пишаниот збор, обединувајќи околу осумдесетина поети и литературни творци од повеќе градови низ Македонија, меѓу кои Куманово, Тетово, Штип, Струмица, Велес, Кичево, Битола и Прилеп. Во прекрасна атмосфера, учесниците се претставија со своја поезија, збогатувајќи ја манифестацијата со различни емоции, мисли и творечки изрази.
„Мајските поетски средби“ и годинава потврдија дека поезијата живее, обединува и создава трајни културни врски меѓу авторите од различни генерации. Манифестацијата традиционално нуди простор за поетски читања, дружења и размена на творечки искуства, со цел афирмација на македонското литературно творештво.
На почетокот на настанот беа доделени благодарници и признанија на институции, организации и медиуми кои континуирано ја поддржуваат работата на Клубот на литературни творци – Прилеп и реализацијата на манифестацијата. Меѓу нив беше и порталот „Клуб Деница“, како знак на признание за поддршката и афирмацијата на културните и литературните настани.
Претседателката на Клубот, Весна Шереметкоска, истакна дека манифестацијата претставува простор за духовно поврзување на творците, размена на идеи и промоција на македонскиот јазик и култура.
„Со особена чест и задоволство ја заокруживме годинашната поетска манифестација, која помина во духот на поезијата, другарувањето и љубовта кон пишаниот збор. Големиот одзив уште еднаш потврди дека поезијата живее и обединува,“ истакна Шереметкоска.
Клубот на литературни творци – Прилеп упати искрена благодарност до сите учесници, гости, поддржувачи и љубители на литературата, со надеж дека и идните изданија ќе бидат уште помасовни и поинспиративни.
Со уште едно успешно издание, „Мајски поетски средби“ ја потврдија својата значајна улога во збогатувањето на културниот живот во Прилеп и во поттикнувањето на современото македонско литературно творештво.



















