Во прекрасниот амбиент на Амфитеатарот во Варош, синоќа се одржа Годишниот концерт на наградените ученици од Општинското основно музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп – вечер исполнета со квалитетна музика, емоции и заслужени аплаузи за младите уметници.
Концертот беше посветен на сите наградени ученици од училиштето кои во текот на учебната година постигнаа значајни успеси на државни и меѓународни натпревари. На околу педесетина ученици им беа доделени плакети и признанија за нивните успеси, додека во музичката програма настапија првонаградените ученици, кои преку своите изведби го покажаа талентот, трудот и љубовта кон музиката.


Публиката имаше можност да ужива во разновидна програма со изведби на пијано, виолина, гитара, кларинет, хармоника, народни инструменти и соло пеење, а секој настап беше пречекан со големо внимание и аплаузи.
Овој концерт уште еднаш потврди дека прилепското музичко училиште успешно создава млади музички таленти и континуирано остварува високи резултати. Зад секој успех стојат многу труд, посветеност и љубов кон уметноста, но и професионалната работа на наставниот кадар кој со голема посветеност ги насочува учениците кон нови достигнувања.
Посебна убавина на вечерта ѝ даде амбиентот на Варош, каде музиката под отворено небо создаде вистинска уметничка атмосфера и уште еднаш покажа дека ваквите настани имаат посебно значење за културниот живот во Прилеп.
Годишниот концерт беше и силна порака дека музиката е вистинска инспирација за младите, а успесите на учениците претставуваат мотив за многу нови генерации деца да станат дел од ООМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“ и да го развиваат својот музички талент.


















