Во киното „Мис Стон“ во Прилеп, на 3 јуни (среда) со почеток во 20 часот ќе биде прикажан новиот филм „Железна тврдина – Филмска работилница“, во продукција на „ПирејФилм“ и режија на Митко Панов. Проекцијата ќе се одржи во присуство на авторите и дел од учесниците во проектот, а влезот е слободен.
Филмот претставува несекојдневен и храбар проект кој ја истражува моќта на филмската уметност како средство за комуникација, креативен израз и терапија. Во актерската екипа, покрај познатите имиња Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Синоличка Трпкова, Благоја Грујовски и Атиџе Муратова, се појавуваат и штитениците на Центарот за рехабилитација при Психијатриската болница во Демир Хисар.
Проектот е реализиран во соработка со невладината организација НЕБО од Суводол, предводена од Јасмина Котевска и Стефан Шашков. Неговата основна тема е „Филмот како терапија“, односно користењето на филмското творештво како дополнителна алатка во работата со лица кои се соочуваат со психички нарушувања.
„Железна тврдина“ комбинира документарни и играни елементи, создавајќи хибриден филмски израз кој се движи помеѓу реалноста и фикцијата. Базиран на вистински случки, филмот постепено ја гради својата приказна преку личните искуства, фантазиите и креативните интервенции на самите учесници.
Поголемиот дел од снимањето се одвивал во периодот од 2021 до 2023 година, за време на филмските работилници организирани во услови на пандемија, кога долгите периоди на изолација дополнително влијаеле врз менталното здравје на пациентите. Од документарен запис за секојдневниот живот и креативните активности, филмот прераснува во оригинален филмски свет создаден од самите учесници, каде што границите меѓу реалноста и фантазијата стануваат речиси невидливи.
Авторите посочуваат дека „Железна тврдина“ е слоевито и духовито филмско остварување во кое се преплетуваат разумот и лудилото, свесното и несвесното, потсетувајќи нè на познатата мисла дека „одблиску, никој не е нормален“.
Покрај својата уметничка вредност, филмот носи и силна општествена порака. Тој отвора важни прашања за менталното здравје, стигмата и маргинализацијата со кои се соочуваат лицата со психички нарушувања, поттикнувајќи поголема свест, разбирање и солидарност во заедницата.
















